ПОВЕЌЕ

    Со месечна претплата на Х – Маск ќе се бори против ботовите и говорот на омраза

    Време зa читање: 2 минути

    Сите корисници на платформата X, до неодамна позната како Twitter, ќе мора да плаќаат месечна претплата. Ова го изјави сопственикот Илон Маск, по разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

    Маск ја оправдува одлуката со борбата против „огромната армија ботови“, кои на платформата шират говор на омраза. Но, не кажува ништо за тоа колку би им наплатувал месечно на своите корисници.

    „Единствениот начин што можам да го замислам за сузбивање на големиот број ботови, е воведување мал месечен надомест за користење на Х“, вели Маск. Според него, воведувањето на претплатата ќе го отежне креирањето бот-налози, бидејќи секој бот ќе мора да се регистрира со нова кредитна картичка.

    Ова е од особено значење, поради тоа што компанијата има проблеми со огласувачите. Како што наведува Маск, приходот од реклами на американскиот пазар паднал за 60 отсто. За тоа, виновни му се организациите за граѓански права и групите потрошувачи кои вршат притисок врз големите брендови.

    Всушност, најавата доаѓа откако Х го имплементираше моделот за претплата наречен „Premium X“, како што е преименуван претходниот „Twitter Blue“. Податоците упатуваат на тоа дека прифаќањето на овој модел се одвивало бавно. Според одредени проценки, до крајот на април годинава на „Twitter Blue“ се претплатиле меѓу 640.000 и 680.000 лица.

    Со ова Маск предизвика лавина реакции. Сепак, познат е како човек кој често најавува нови производи и иновации, но потоа се повлекува или го менува курсот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично