Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски стана член на Управниот одбор на невладината организација „Зелен навигатор на Западен Балкан”, чие основачко собрание се одржа вчера во Нови Сад.
„Зелен навигатор на Западен Балкан” е независно и непрофитно здружение на компании, единици на локална самоуправа, како и други институции и организации од приватниот и јавниот сектор, кое делува во насока на намалувањето на влијанието на климатските промени врз регионалната економија и општеството воопшто. Фондацијата ќе функционира со поддршка на Фондот за развој на Војводина. Климатските промени доведуваат до низа нови негативни последици за општеството и неговиот развој, кои може значително да се намалат, а некои и да се спречат преку институционални реформи со активно учество и соработка на стопанството, локалната самоуправа и граѓаните.
„Сојузот на стопански комори на Македонија се приклучува кон оваа иницијатива која ќе делува регионално, препознавајќи го потенцијалот на заедничката соработка на економските оператори и институциите од земјите на Западен Балкан во справувањето со негативните последици од климатските промени и постигнување на глобалните цели. Веруваме дека со добра соработка може да се воспостави рамнотежа помеѓу економскиот раст и намалувањето на емисиите на СО2 и на крајот да се постигне климатска неутралност. Акцијата против климатските промени на крајот ќе го поттикне економскиот раст преку влез на нови технологии, кои создаваат нови области на работа“, истакна Ангелоски.
Во рамките на посетата Ангелоски оствари средби и со директорот на Фондот за развој на Војводина, Горан Савиќ на која се разговараше за можностите за соработка во насока на унапредување на земјоделството и агро-бизнисот како значајни стопански гранки, преку размена на искуство и преземање на добрите практики кои се применуваат во Србија. Ангелоски исто така се сретна и со министерот за државна управа и локална самоуправа на Република Србија, Марија Обрадовиќ на која се разговараше за значајната улога што ја имаат општините во поттикнување на локалниот економски развој, стимулирање на бизнисите и привлекување на инвестиции.
Сојузот на стопански комори на Македонија во 2020 година потпиша Меморандум за соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање со цел да се интензивира соработката за заштита на животната средина на национално ниво, а врз основа на потребата за унапредување на корпоративната одговорност и отчетност во областа на животната средина, како и за понатамошно унапредување на националната и меѓународна регулатива за претпријатијата. Сојузот спроведе и кампања „Иницијатива на жени во климатска акција” посветена на подигнување на свеста и преземање мерки со кои се мотивираат и се ангажираат институциите и компаниите да се борат со загадувањето и со климатските промени.