ПОВЕЌЕ

    „Сликовницата на Халки“ добитник на признанието за поттикнување на општествена одговорност на МАИ

    Време зa читање: 3 минути

    „Сликовницата на Халки“ е добитник на признанието за поттикнување на општествена одговорност, што го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Ова признание е дел од наградите за издаваштво кои денеска традиционално беа доделени на Саемот на книга во Скопје. „Сликовницата на Халки“ е интересно четиво за деца, со силни пораки што треба да стигнат и до возрасните. Станува збор за дел од долгорочен проект на банката, а целосната сума од продажбата на сликовницата е наменета за поддршка на СОС Детско село.

    „Со „Сликовницата на Халки“ започнавме ново поглавје во нашата политика за општествена одговорност – подигнување на свеста за поддршка и инклузија на децата без родители и родителска грижа. По промоцијата во октомври минатата година, сликовницата е дел од бројни хуманитарни и интерактивни настани, а во неколку основни училишта беше обработувана и како наставна содржина. Токму сликовницата нè мотивираше да го започнеме и проектот „Приказни од моето маало“, патувачки едукативно-креативен караван низ неколку градови во Македонија. На овој начин се трудиме на најмладите членови на нашето општество да им ја доближиме уметноста и да ги поттикнеме на творење и препознавање на вистинските вредности“, вели Маја Наумовска Савеска од Halkbank.

    „Сликовницата на Халки“ на интересен начин ги обработува темите за здрава животна средина, инклузија, прифаќање на различностите, еднакви образовни можности за сите. Приказната го следи процесот на создавање на сликовница од идеја до печатница, со што на најмладите читатели им се испраќа  јасна порака за важноста на читањето книги. Автор на текстот е Мирко Трајановски, а илустрации работени во класична техника се на уметникот Трајче Павлов. Изданието е испечатено на екохартија и со екобои, а освен на македонски, достапно е и на турски и албански јазик. Книгата настана како дел од Фестивалот за литература и илустрација за деца Литера, чиј најголем поддржувач е Халкбанк.

    „Оваа поддршка нѝ е особено важна, пред сè затоа што е искрена и доаѓа од партнер кој верува во моќта на сликовницата како медиум за ширење важни пораки и поттикнување читачки навики кај децата. „Сликовницата на Халки“ е предизвик за сите нас, бидејќи е проект кој постојано расте и се надоградува. Најдобра потврда за тоа е што децата веќе го препознаваат ликот на слончето и сфаќаат дека тоа низ игра им пренесува важни пораки за нивното растење“, вели Софија Семенпеева Трајановска, основач на фестивалот „Литера“.

    „Сликовницата на Халки“ е промоција на уметноста и поттикнување на емпатија преку креација. Тимот на маркетинг агенцијата „Ефектива“ кој работи на овој проект, силно верува во мисијата за ширење хуманост, па оттука и бројните активности со кои приказната за „Сликовницата на Халки“ постојано се надоградува. Книгата е достапна преку првата е-галерија во Македонија Frida.mk, а целосната сума од продажбата е наменета за поддршка на децата без родители и родителска грижа од СОС Детско село.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично