ПОВЕЌЕ

    САМО ЕДЕН МИЛИОНЕР: Берзата запиша раст на промет и трансакции

    Време зa читање: 3 минути

    Македонска берза го објави месечниот статистички билтен за септември 2022. Она што може да се забележи е дека количински најтргувана акција е акцијата на Гранит Скопје, додека второто место и припадна на Комерцијална банка Скопје.

    Акцијата на Комерцијална банка девети месец по ред е најтргувана на македонскиот пазар на капитал, тоа го покажува и месечниот билтен на Берзата.

    Просечната цена што ја достигнала акцијата на најголемата македонска банка е 11.288,60 денари, а биле истргувани 12.061 акции на таа банка. Со акциите на Комерцијална банка бил направен промет од 136.151.838 денари или 2.214.038 евра, а нејзиното учество во вкупниот берзански промет било 44,87 отсто. Со овој промет, единствено Комерцијална банка е во септемврискиот клуб на милионери.

    Втора најтргувана акција на официјалниот пазар на Берзата била акцијата на македонскиот фармацевтски гигант Алкалоид АД Скопје  каде количински се истргувани 3.369 акции по просечна цена од 16.397,74 денари. Вкупниот промет што во септември бил достигнат со акциите на „Алкалоид“ изнесувал 898.351 евра или 55.243.988 денари, а неговото учество во вкупниот промет изнесувало 18,21 отсто, покажува билтенот на Берзата.

    Во август месец беше на седмата позиција, додека во септември успешно го трасираше патот и се искачи на трето место во најтргуваните акции во тој месец. Можеби веќе препознавата, станува збор за компанијата Гранит која е специјализирана за изградба на патишта и автопати. Просечната цена на акцијата на Гранит изнесувала 1.468,35 денари, додека вкупниот промет изнесувал 35.021.682 денари или 569.505 евра, што е учество од 11,54 отсто во вкупниот промет.

    Едно скалило погоре, на четвртата позиција се најде нашиот најголем нафтен дистрибутер „Макпетрол“ Скопје, чија акција имала просечна цена од 67.912,32 денари, а вкупниот промет кој бил постигнат со оваа акција изнесува 20.373.696 денари или 331.306 евра, што е учество од 6,72 отсто во вкупниот промет.

    На петтата позиција на најтргувани акции на Македонска берза во септември месец успеа да се задржи уште една банка од големата тројка на банки. Станува збор за НЛБ Банка АД Скопје, чија акција имала просечна цена од 23.886,50 денари, а вкупниот промет кој бил постигнат со оваа акција изнесува 10.223.422 денари или 166.248 евра, што претставува учество од 3,37 отсто во вкупниот промет.

    Според податоците кои ги објави Македонскта берза за периодот 01.09 – 30.09.2022 година вкупниот промет изнесувал 475.051.376 денари и е зголемен за 44,61 отсто во однос на претходниот месец. 

    Инаку, главниот берзански индекс МБИ10 се намалил за 3,09% отсто

    Кај брокерските куќи, два месеца последователно, ИЛИРИКА ИНВЕСТМЕНТС АД Скопје е на тронот со остварен вкупен промет од 218.082.998 денари, додека Еурохаус АД Скопје  со промет од 199.448.729 денари се најде на второто место. Со блоковско тргување од 42,21 отсто, на третата позиција се искачи ТТК Банка Скопје со вкупен промет од 168.319.475 денари.

    Класичното тргување изнесувало 325.965.486 денари и е зголемено во однос на август за 27,33 отсто кога изнесувало 255.992.957 денари.

    Во класичното тргување истргувани се акции во вредност од 314.032.760 денари и обврзници во вредност од 11.932.726 денари.

    Блок трансакциите во септември изнесувале 149.085.890 денари и се зголемени за 105,60 отсто во однос на август.

    Бројот на трансакции во септември изнесувал 1.592 и е зголемен за 49,34 отсто во однос на август кога изнесувал 1.066.

    Месечниот статистички билтен за септември 2022 година можете да го погледнете тука.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично