Обединетото кралство издвоило 210 милиони фунти (283 милиони долари) за да му помогне на Ролс-Ројс да го изгради првиот мал модуларен нуклеарен реактор што треба да помогне да се намалат емисиите на јаглерод на островот на нула до средината на векот.
За постигнување на оваа цел ќе биде потребно огромно зголемување на производството на електрична енергија од извори со ниска содржина на јаглерод, како што се ветерот, сончевата енергија и нуклеарната енергија, но за новите големи нуклеарни проекти е тешко да се најдат инвеститори.
Мали модуларни реактори може да се произведуваат во фабрики, нивните делови може да се транспортираат со камиони и бродови, а склопувањето е многу побрзо и поевтино отколку во случајот со големите реактори.
„Малите модуларни реактори (SMR) нудат возбудливи можности за намалување на трошоците и побрза изградба и ќе ни овозможат да испорачаме чиста електрична енергија до домовите на граѓаните и дополнително да ја намалиме веќе намалената употреба на испарливи фосилни горива“, рече министерот за енергија Кваси Квартенг.
Државните пари ќе и овозможат на технологијата да продолжи кон следните чекори во регулаторниот процес и ќе помогне да се најдат потенцијални локации за мини-нуклеарни централи, се вели во соопштението на владата.
Rolls-Royce Group, BNF Resources UK Limited и Exelon Generation Limited ќе инвестираат 195 милиони фунти во технологијата во период од три години преку специјализирана подружница на Rolls-Royce SMR Ltd.
По купувањето на капиталот, Rolls-Royce Group ќе има приближно 80 отсто од акциите во Rolls-Royce SMR, се додава во соопштението.
„Бизнисот (со SMR) може да создаде до 40.000 работни места, преку инсталација во Британија и раст поттикнат од извозот“, се вели во соопштението на извршниот директор на Rolls-Royce, Ворен Ист.
Британија сака да го зголеми бројот на работни места поврзани со чиста технологија како дел од таканаречената „зелена индустриска револуција“, а Лондон исто така тврди дека сака да ја намали зависноста од фосилните горива поради наглиот пораст на цените на бензинот.
Драматичниот пораст на цените на бензинот уништи неколку мали британски снабдувачи со енергија, потсетува Ројтерс.