За 30 проценти е поевтин роамингот со земјите од Европската унија. Оваа поволност за македонските граѓани ја потврди министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
„Од први октомври стапи во сила Договорот помеѓу операторите на Европската унија и операторите од Западен Балкан за намалување на цените на роаминг податоците во склоп на процесите во ЕУ“, вели Алиу, додавајќи дека за сите што ќе патуваат во странство, во некоја од земјите на Унијата, за граѓаните и за бизнисот тоа значи – 30 проценти помали трошоци за роаминг.
Во однос, пак, на цените, Алиу посочи дека се во надлежност на операторите.
„Очекуваме операторите деновиве да излезат со понуди, со пакети во кои ќе ги понудат цените, бидејќи Договорот е помеѓу операторите од ЕУ и од Западен Балкан“, рече Алиу.
Воедно, објави дека се дефинирани и активности за натамошно постепено намалување на цените за роамингот. И во 2026 ќе има намалување за 30 отсто, а се очекува дека од 2028 година цените за роаминг ќе бидат исти како и цените на тие услуги кои ги има на домашниот пазар.
„Тоа значи дека во 2028 година истите цени ќе ги имаме како внатре така и надвор од државата“, вели министерот.