Во изминатите две и пол години зеленото кредитирање е зголемено за 55%. Станува збор за заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развој на нова еколошка технологија. Расте и уделот на зелените во вкупните кредити, но и натаму е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со првото полугодие од 2022 година, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2% на 2,8%. Народната банка продолжува со своите активности за поттикнување и зголемување на свеста за зеленото кредитирање.
Според податоците на Народната банка, на крајот од првото полугодие од 2022 година, банкарските побарувања врз основа на зелени кредити изнесуваат 11.136 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите. Од крајот на 2019 година, а заклучно со првото полугодие од 2022 година, зелените кредити доделени на фирмите имаат пораснато за 3.748 милиони денари и учествуваат со 5% во вкупните кредити доделени на компаниите. Растот на зелените кредити кај домаќинствата е помал и тие учествуваат со само 0,7% во вкупните кредити на секторот „домаќинства“.
Климатските промени имаат негативно влијание врз економскиот раст и инфлациските притисоци, особено кај помалку развиените економии. Сè повеќе централни банки го гледаат зеленото финансирање како дел од мандатот. Народната банка препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија.
Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање. Дел од нив се и монетарните мерки, како на пример одлуката за промена кај инструментот за задолжителна резерва, со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Со оваа одлука, основата за издвојување задолжителна резерва во денари од страна на банките се намалува за износот на новоодобрените кредити за финансирање проекти за домашно производство на електрична енергија од обновливи извори.
Народната банка изработува и стратегија за поттикнување на зеленото финансирање, во која се предвидени низа активности, меѓу кои и подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, вклучително и за транспарентното финансирање. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви, а од годинава Народната банка воспостави и редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови, за што ќе биде неопходно засилување на институционалниот капацитет, и на регулаторот, и на банките.