ПОВЕЌЕ

    Работна средба на гувернерката и евроамбасадорот Гир: Народната банка презема соодветни мерки за справување со инфлацијата

    Време зa читање: 2 минути

    Во рамките на институционалната соработка, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ, г-ѓа Мари-Мадлен Канелопулу, шефица на Економскиот оддел при Делегацијата на ЕУ и г. Алесандро Занота, економски советник во Одделот за операции при Делегацијата на Европската Унија, остварија работна средба со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска.

    На работната средба се разговараше за актуелните економски случувања и за последиците врз европската и домашната економија од војната во Украина и од енергетската криза. Посебно внимание на средбата ѝ беше посветено на улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата, којашто е сè позначајна во сите земји во светот. На средбата заеднички беше утврдено дека силниот и долготраен шок врз глобалните цени на енергентите и храната и натаму е главниот фактор што ги подгрева глобалната и домашната инфлација. Ова е особено изразено во малите и отворени економии, како македонската, во коишто голем дел од производите се увезуваат, а храната и енергијата имаат големо учество во вкупната потрошувачка. Поради силината и времетраењето на шокот, централните банки ги зголемуваат каматните стапки. „Во оваа смисла, Народната банка одлучи постепено да ја зголемува основната каматна стапка, со цел да ја намали инфлацијата, како што впрочем реагираат и многу други централни банки, вклучително и ЕЦБ“ – посочи евроамбасадорот Гир.

    Во оваа прилика, беше организирана и посета на музејската изложба на Народната банка посветена на културното наследство, претставено преку тековното издание на македонските книжни пари. Изложбата „В/редности и вредности“ е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.

    Народната банка остварува плодна соработка со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија во спроведувањето на својата стратегиска ориентација и во процесот на усвојување на најдобрите практики и стандарди коишто сѐ повеќе ја приближуваат до  Европскиот систем на централни банки.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично