Ковид пандемијата е нешто со што светот за пр впат се сретна во својата модерна историја. Последиците од неа се уште се чувствуваат и ќе се чувствуваат уште долго. Меѓутоа, на почетокот најмногу се почувствуваа кај милиони луѓе кои беа отпуштени од работа и беа приморани да седат дома.
Новата реалност беше сурова и не принуди сите нас да бидеме ограничени во движењето и да се изолираме едни од други. Сето ова бараше да се делува брзо и да се бараат алтернативни начини за исполнување на секојдневните работни обврски бидејќи економијата не смее да сопре и мора да оди напред.
Со други зборови започна револуција на работните места. Информатичката технологија и дигитализацијата која беше отпочната од претходно, играа клучна улога во овие тешки моменти за човештвото.
Компаниите забрзано отпочнаа да се опремуваат со опрема за своите вработени. Преносните компјутери, аудио уредите за комуникација и мрежната опрема беа мошне актуелни и барани. Алатките како Microsoft Teams, Zoom, WebEx и слични на нив станаа незаменливи во секојдневната комуникација. Сите почнаа забрзано да го прифаќаат новиот начин на работа и да се навикнуваат на него.
Ако се направи ретроспектива денес, две години подоцна ќе видиме дека работите се вратени во нормала и нема повеќе никакви ограничувања во поглед на слободата на движење. Голем дел од компаниите ги вратија своите вработени во нормален режим на работа во своите работни простории.
Меѓутоа, голем дел од нив ги согледаа придобивките од работењето од дома и продолжија да го применуваат и понатаму. Некои компании како во случајот на Сава пензиско друштво, преку сопствени искуства и анализи применија хибриден односно комбиниран начин на работа.
Ако се анализираат статистичките податоци од релевантни светски фактори ќе се дојде до заклучок дека околу 70 проценти од вработените се спремни да го задржат овој начин на работење од дома, додека над 60 проценти од компаниите размислуваат за реорганизирање на својот работен простор за да се адаптираат на хибриден начин на работење.
Можностите и аргументите ги има и на двете страни. Вработените ќе ги намалат трошоците за патување до работното место додека компаниите ќе ги намалат режиските трошоци кои во нормални услови се поголеми.
Како резултат на ова, трендот на работа од далечина е сè повеќе присутен во светски рамки и бројот на луѓе кои работат на овој начин се зголемува експоненцијално. Сè повеќе млади сонуваат да станат “ИТ номади” и да работат од некоја плажа или хотел со поглед на океан и притоа да има некој освежителен коктел покрај нивниот преносен компјутер.
Но, сепак не е сè така едноставно како што изгледа на прв поглед. На самите почетоци од пандемијата сите компании најмногу се фокусираа на овозможување на континуитет на работењето. Ризиците кои произлегуваат од работењето на далечина беа ставани во втор план, а реално гледано тоа и временски беше невозможно.
Поголемиот дел од компаниите не поседуваа модерна опрема за заштита од кибернетски напади, немаа изработено стратегии за кибернетска безбедност, вработените не беа доволно обучени да ги користат новите ИТ алатки и да се соочат со новите опасности кои произлегуваат од новиот начин на работа.
Деновите кога компаниите сите свои документи и информации ги чуваа во сопствена мрежа која е изолирана и недостапна за остатокот од светот, се далеку зад нас.
Како ризик кој е најочигледен е самото тоа што најголемиот дел од работните задачи се изведуваат online преку глобалната мрежа. Безброј мобилни платформи, веб сервиси кои се достапни до сите, работа во облак, паметни телефони и уште многу други побаруваат засебна заштита како резултат на нивната изложеност и ранливост.
Технолошкиот развој, забрзана дигитализација, меѓутоа исто така и Ковид пандемијата создадоа огромни можности за хакерите и кибернетските измамници. Во време на пандемијата бројот на phishing пораки е зголемен за 600%.
Една од пет компании е жртва на кибернетски напад како резултат на работа од дома. Компанијата Google излезе со податок дека на почетокот на пандемијата, само во април 2020 година биле блокирани 18 милиони пораки кои биле препознаени како опасни.
Како резултат на сето ова, загубите на компаниите предизвикани од кибернетски криминал се големи и стануваат уште поголеми. Полoвина од кибернетските напади се насочени кон малите и средни компании поради тоа што се претпоставува дека тие немаат преземено соодветни мерки за заштита.
Тука битно е да се напомене дека многу компании прават една многу суштинска грешка. Со цел да бидат конкурентни на пазарот и да бидат во тренд ја форсираат дигиталната трансформација на сметка на кибернетската безбедност која е запоставена или во најмала рака не е во чекор со дигитализацијата.
Кибернетската безбедност е клучен сегмент од дигитализацијата која штити од кибернетските напади и како таква треба да е составен дел на сите процеси на дигиталната трансформација.
Кибернетската безбедност не смее да се смета како технички или ИТ проблем туку потребно е да биде еден од приоритетите во рамките на една компанија. Тука голема улога игра и раководството на компанијата кое треба активно да ја промовира кибернетската безбедност.
Од тука може да се надоврземе на почетната елаборација дека работата од дома е новата нормалност на денешново време меѓутоа со себе носи многу опасности и скриени замки. Поради тоа целокупниот процес треба да се постави на здрави нозе и да се преземат вистинските чекори со цел да се минимизираат ризиците кои произлегуваат од него.
На почетокот треба да се изработи соодветна документација со која ќе се дефинира под кои услови и како ќе се одвива работата од дома. Треба да се изработат правилници, процедури, упатства , методологии во кои прецизно ќе се категоризираат работните места.
Исто така во нив ќе се одредат условите кои треба да ги исполни новата работна околина, опремата која треба да се поседува, начинот на поврзување со ресурсите и инфраструктурата на компанијата и секако исполнување на законските обврски во поглед на ваквиот начин на работа.
Откако сето тоа ќе се документира се преминува кон практично имплементирање на процесот преку обезбедување на неопходната информатичка, комуникациска опрема и едукација на вработените за користење на таа опрема преку претходно дефинирани правила и постапки.
На крај може да се резимира дека работењето од дома е нова реалност која носи многу олеснувања и бенефити како за компаниите така и за вработените. Се претпоставува дека до 2035 година ќе има над 1 милијарда луѓе кои ќе работат од дома. Ќе се намали емисијата на штетни гасови во атмосферата.
Според некои претпоставки исто така ќе се дисперзира и работното население надвор од големите градски средини. Ќе се намали опасноста од пренесување на заразни болести а како резултат на тоа и ќе се избегне намалена работна продуктивност.
Но, сепак постојат и предизвици и опасности од ваквиот начин на работење. Осаменоста и недостаток на комуникација е еден од тие предизвици и начинот на справување со него. Компаниите треба да работат на овој предизвик и да преземаат соодветни чекори за подобрување на менталното здравје кај вработените.
Исто така како предизвик се јавува и тоа што не сите вработени имаат опремени работни простории во кои ќе можат да работат. Затоа компаниите треба да ги опремат своите вработени со неопходните основни средства за работа од дома. Управувањето со сопственото работно време исто така е предизвик.
Во минатото се знаеше работниот ден кој обично трае од 8 до 16 часот, а потоа се одеше дома кон своите приватни обврски . Со работа од дома тој баланс е нарушен и многу од вработените ги имаат изместено тие граници па имаат чувство дека работат преку цел ден.
Компаниите и раководството тука треба да имаат проактивна улога и да ги охрабруваат вработените да ги завршуваат своите обврски во рамките на своето работно време.
Како најголем предизвик или подобро кажано опасност која демне постојано при работа од дома се кибернетските напади. Масовната дигитализација е незапирлив процес и тој ќе продолжи со уште поголема динамика.
Работата во облак ќе се зголемува, а со тоа и опасноста од компромитирање на податоците кои се чуваат таму. Регулативата за заштита на лични податоци е исто така многу битен елемент во овие времиња на дигитална револуција.
На пазарот се појавуваат еден куп на нови технологии кои со себе носат и нови и непознати опасности. Поради тоа треба да се биде внимателен и да се пристапува со максимална претпазливост и сериозност при имплементирањето на работење од дома.
Најбитно е да се започне процесот, зошто како што некогаш некој мудар човек кажал:
Не е битно колку споро се движиш сè додека притоа не запираш.