Протестот на угостителите и туристичките работници е денеска на пладне. Протестираат околу 6.000 фирми од двата сектори и нивните вработени, а ќе им се приклучат и игротеките и многу други сектори кои се целосно затворени. Од комората повторија дека ќе останат на улица се додека не им се исполнат барањата.
Се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории врз основа на бројот на вработените во 2020, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување на мораториум, односно репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, сè додека не им се дозволи да работта без рестрикции.
-Повеќе од една година чекавме надлежните институции да научат и да отпочнат добро да ја менаџираат корона кризата и да ги разберат нашите барања за поддршка на нашето „преживување”. Наместо тоа, навлегуваме во втора година, во која здравствената криза е полоша во однос на претходната, а полоша е и состојбата во која се наоѓа туристичко-угостителскиот секторот. Се поголем број на претпријатија се затвораат, а вработените остануваат без извор за егзистенција во време на криза и пандемија. Нема време за чекање, поддршка е потребна сега и веднаш за сите, затоа излегуваме на протест на кој ќе останеме се до исполнување на нашите барања. Поддршка ни дадоа сите оние кои на директен или индиректен начин се засегнати со состојбата, оние кои ја сфаќаат безизлезната ситуација во која се наоѓаме, изјави Перица Голомеиќ, од Туристичко-угостителската комора.