ПОВЕЌЕ

    Промовирана Национална платформа за женско претприемништво за економско јакнење на жените

    Време зa читање: 4 минути

    За креирање на вистински политики кои ќе придонесат за унапредување на женското претприемништво во земјата потребно е да се обединат сите главни чинители, што ќе се постигне преку креирање на Националната платформа за женско претприемништво, чија промоција се случи вчера во хотел Хилтон, на коференција на која учествуваа министри,  високи претставници на Делегацијата на ЕУ, дипломати и претставници на деловната заедница. Платформата е во рамките на истоимениот проект, кофинасиран од Европската Унија, како дел од ИПА Програмата за Граѓанско општество и медиуми. Носители на платформата се: Здружението на бизнис жени, Сојуз на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување-МИР.

    „Преку Национална платформа за женско претприемништво сакаме да ги споиме сите активни чинители на ова поле и да создадеме поголема критична маса која ќе ја покаже потребата од посериозен пристап, во создавањето на можности за раст и развој на женското претприемништво во нашата држава. Главна цел на проектот е, зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, за креирање на јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво. Со инвестирањето во жените ќе се зголеми родовата еднаквост во општеството и ќе се промовира инклузивен и одржлив развој“, рече Валентина Дисоска, претседател на Националната платформа за женско претприемништво и на Здружението на бизнис жени.

    Националната платформа за женско претприемништво треба да се изгради како главен социјален партнер за креирање на политики и реформски процеси, и да овозможи промовирање на жените претприемачки како двигатели на промените.

    „Загрижувачки е фактот што додека се поголем број на држави во Европа, воведуваат законски загарантирано учество на жени на високи и одлучувачки функции, кај нас се бележи голем негативен тренд на ова поле. Податоците покажуваат, дека застапеноста на жените на високи корпоративни позиции, се намали од 2% на 1%.  За да се надмине оваа состојба, и да се постигне економско јакнење на жените, потребни се нови политики, кои ќе ги гарантираат заслужените позиции на жените, вреднувањето на нивните квалитети, квалификации, способност и спречување на дискриминација при професионалното напредување“, рече Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

    Развивањето на женското претприемништво ќе резултира со силна економија, намалена невработеност, поголемо учество на пазарот на труд, зајакнати семејни односи на сите жени, вклучувајќи ги и младите и жените од руралните подрачја.

    „За многу рурални жени, развивањето на женското претприемништво, значи ставање крај на сиромаштијата, постигнување на безбедност со храна, промовирање на одржливо земјоделство и постигнување на родова еднаквост во руралните средини. Затоа е многу важно вклучување на жените во одлучувачките процеси на земјоделското стопанство и создавање на можности да развиваат деловни активности. Жените од руралните средини, се вклучени во неформални активности и имаат многу малку можности за вработување, а се уште само 5% од нив имаат права за сопственост“, рече Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, истакнувајќи дека Националната платформа за женско претприемништво е голем чекор кон економско јакнење на жените.

    Проектот Национална платформа за женско претприемништво, треба да придонесе за видливоста и опфатот на платформата.

    „Со креирањето и имплементацијата на Националната платформа за женско претприемништво, сакаме нашето, и искуството на сите наши соработници, да го примениме во процесот на развој и креирање на политики и реформи, да извршиме олеснување на структурниот дијалог, вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни, да ги подобриме капацитетите на граѓанските организации кои поддржуваат женско претприемништво како и да ја зголемиме видливоста за жените претприемачи како двигатели на промени во економската политика”, рече Емилија Андонова, проект менаџер, Фондација за менаџмент и индустриско истражување -МИР.

    На денешниот промотивен настан, беше потпишана Декларација за поддршка на женското претприемништво. „Националната платформа за женско претприемништво“  е проект кој ќе трае три години.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично