Во мај продолжи трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити и се сведе на ниво од 4,56 отсто. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,85 проценти, соопшти Народната банка (НБ).
Анализите покажуваат дека каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа месечно намалување од 0,02 процентни поени и се сведе на 5,35 проценти.
Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,54 процентни поени на месечно ниво и изнесува 3,31 отсто. Надолната промена е резултат на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула, како и на каматните стапки на кредитите во странска валута. Во споредба со мај претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,40 процентни поени.
– Во мај, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 3,84 отсто што претставува месечно и годишно намалување од 0,25 процентни поени и 0,08. Просечната каматна стапка на новопримените депозити забележа идентичен месечен и годишен раст од 0,05 процентни поени и изнесува 0,67 отсто. Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, овој месец, забележа месечен пад од 0,02 процентни поени и изнесува 3,68 отсто. Притоа, падот произлегува од намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула, во услови на минимален раст на каматните стапки на кредитите во странска валута. Анализирано на годишно ниво, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,29 процентни поени, информира НБ.
Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор во мај изнесува 1,16 отсто и во споредба со минатиот месец бележи пад од 0,03.
Месечното намалување се објаснува со намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута, при непроменети каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула. Споредено на годишна основа, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор забележа намалување од 0,08 процентни поени.
– Овој месец, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, оствари раст од 0,09 процентни поени и изнесува 0,74 отсто. Зголемувањето во целост се должи на растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула, во услови кога се намалени каматните стапки на депозитите во странска валута и каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула. На годишно ниво, оваа каматна стапка забележа раст од 0,40 процентни поени, стои во соопштението.
Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во мај забележа месечно намалување од 0,02 процентни поени. и се сведе на 5,35 проценти. Анализирано според валутната структура, намалувањето во целост е резултат на падот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула, додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута не остварија месечна промена. Во споредба со мај 2020 година, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,29 процентни поени.
– Во мај, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 4,61 отсто, што претставува раст од 0,12 процентни поени на месечно ниво. Нагорното поместување произлегува од зголемувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула, при остварен пад на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула. Оваа каматна стапка забележа раст од 0,18 процентни поени на годишна основа, наведува НБ.
Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во мај се намали за 0,05 процентни поени и се сведе на 0,82 отсто. Притоа, падот се должи на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута, додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула се непроменети. Споредено на годишна основа, каматната стапка оствари намалување од 0,26 процентни поени.
– Во мај, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата изнесува 0,64 отсто, при реализиран месечен раст од 0,03 процентни поени. Овој раст во целост е резултат на зголемувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута, во услови кога не се примени денарски депозити со валутна клаузула, а остварен е пад на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е намалена за 0,27 процентни поени во однос на истиот период од претходната година.