Бугарското акционерско друштво „Кер Токи Пауер“ ќе стекне контрола врз македонската компанија РЕС – „Рењувабал Енерџи Суплај“, која врши трговија со електрична енергија. Известувањето за концентрација го објави Комисијата за заштита на конкуренцијата.
По извршените прелиминарни испитувања сметаат дека „предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата“, но резервирани се во поглед на конечната одлука.
Како што е наведено, бугарската компанија нема претпријатија-ќерки, филијали или претставништва лоцирани во Македонија. Исто така, во текот на 2022 година не остварила приходи на македонскиот пазар.
Се посочува дека „нуди широк спектар на висококвалитетни услуги во областа на стекнување, продажба и дистрибуција на опрема што се користи при изградба и работа на фотонапонски централи, како и други апликации и капацитети базирани на електрична енергија произведена од сончева енергија, стекнување, изградба, работење и управување со фотоволтаични/соларни/електрани, решенија поврзани со енергетската ефикасност, системска интеграција и развој на софтвер, развој и обезбедување на интернет услуги и информациски технологии, поддршка на компјутерски системи, консалтинг, посредничка дејност…“.
На веб-страницата на РЕС, бугарската „Кер Токи“ се наоѓа меѓу инвеститорите и соработниците на компанијата, чиј основач и извршен директор е Кочо Анѓушев.
Клиенти на РЕС се голем број компании од приватниот сектор. Од објавената референтна листа се забележува дека најзначајните компании за домашната економија, со струја се снабдуваат од РЕС, која оди под бугарска контрола.
Поради тоа што „конечната одлука по ова прашање е резервирана“, Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења „за оваа концентрација“, за што е предвиден рок од десет дена.