Фирмата за производство, трговија и услуги Пинк флај ДООЕЛ увоз-извоз Струмица се јавува како должник во Еуростандард банка со долг од околу 720.000 евра, со обична меница како единствено обезбедување. Нема платено ниту една рата 438 дена пред затворање на банката или од мај 2019 година. Оваа фирма должник, со седиште во Струмица, сега се наоѓа во Кичево и има име Плант сенвијори ДООЕЛ. Фирмата сега се занимава со трговија со текстил во специјализирани продавници. Сопственик на фирмата е Жарко Трајковски, а управител Христос Дафлидис, се вели во соопштението на задружението на оштетените штедачи од Еуростандард банката Правда за штедачи.
„Според билансите на новата фирма, во 2019 година таа имала обврски од околу 1.450.000 евра и акумулиран капитал од околу 180.000 евра. Долгот бил осум пати поголем од капиталот на фирмата. Додека за 2020 година за фирмата нема регистрирано деловни активности. Очигледно, фирмата се води во правец на директно затворање или отворање на постапка за стечај.
Како и со останатите фирми должници кон Еуростандард банка, се покажува дека исто непишано правило на затворање или носење во стечај важи за многу од фирмите, особено за тие кои имаат земено големи кредити во стотици илјади или милиони евра и парите „исчезнале во непознат правец“. Се е познато и се знае каде се парите. Тие не можат ниту да испарат ниту да исчезнат. Доволно е да се праша сопственикот Жарко Трајковски каде завршиле парите и со кого ги поделил. А тоа може лесно да се увиди и преку трансакциите што се направени, за што постои писмен траг. Тоа е задача на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција тоа да го направат и да го спроведат. Ова е неопходно за да може ваквите криминални ликови да ги вратат парите од каде ги земале или да се наплати од нивниот личен имот или од нивното семејство. Додека нивната кривична одговорност треба да се утврди низ транспарентна и фер судска постапка.
За криење на трагата на парите се користени разни начини и форми, а промена на името и локацијата на фирма должник е една од нив. Има и други вакви случаи. За сите тие и останатите криминални случаи ќе продолжиме да објавуваме. Се разбира, ја запознаваме не само јавноста, туку и меѓународните организации во земјава, како и оние во Брисел и Вашингтон. Бидејќи ваков значаен организиран криминал и висока корупција не може и не смее да се заборави ниту забошоти со континуиран молк на институциите. Тоа нема да го дозволиме“, соопшти здружението Правда за штедачи.