„Десет месеци наназад континуирано објавуваме за сторениот криминал. Потписите за одобрување на ненаплатливите кредити делени на вересија од Еуростандард банка се на високото криминално раководство. Се разбира, таквото нивно лагодно криминогено однесување со подарување на нашите лични парични средства било поддржано од нивни приврзаници и соработници како во банката така и надвор од неа. Во таа насока одат и наодот од увидот на документите и извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, кои јасно и недвосмислено укажуваат дека банката одобрувала изложености иако истите не ги исполнувале критериумите за одобрување, дефинирани во кредитната политика, дека имало пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски во банката како и непочитување на интерните политики, процедури и одлуката за управување со кредитен ризик. Потврдено е масовно делење кредити покриени единствено со обични меници или обезбедувања чија проценета вредност била и значително пониска од изложеноста на клиентите”, велат тие.
И секако, третиот столб во криминалот се оние кон кои биле трансферирани нашите парични средства во форма на кредити, од банката према клиентите, со однапред направен план истите да се поделат понатаму и не се вратат од каде се земени.
Доказите за масовниот грабеж на депозити ги поседуваат надлежните институции од кои очекуваме да реагираат повеќе од десет месеци, но за жал сеуште молчат. И понатаму ќе продолжиме со објавите на останатите фирми и нивните сопственици, учесници во овој смислено организиран криминал и висока корупција“, соопштуваат од Правда за штедачи.