До пред неколку години бил Министер во Авганистан, но како што вели, дал оставка поради тоа што бил заситен од корупцијата. Сајед Садат сега живее во Германија и работи како доставувач на храна.
Шест часа во текот на работните денови и по неколку часа преку викенд, Садат превезува храна на велосипед.
„Нема срамота во тоа. Работа е работа“, рекол тој.
Садат е еден од многуте Авганистаници кои својот дом го пронашле во Германија.
Му здодеала корупцијата
Сепак, патувањето на Садат во Германија било помалку драматично, отколку на сегашните негови сонародници.
Тој бил Министер за комуникации во авганистанската влада од 2016 до 2018 година, но поднел оставка бидејќи не можел повеќе да ја трпи корупцијата во Владата.
„Кога работев како Министер, постоеше голема разлика помеѓу потесниот круг на Претседателот и мене. Тие ја гледаа својата корист, а јас сакав парите да се користат за реализација на проекти“, раскажува тој.
По оставката се вработил како советник во авганистанскиот телекомуникциски сектор. Но до 2020 година, ситуацијата во земјата се влошила, па решил да замине.
Иако Садат има двојно авганистанско – британско државјанство, во Велика Британија не можел да најде работа по професијата, па решил да дојде во Германија каде што има повеќе можости.
Планирал да го научи јазикот, но пандемијата му го поместила планот. Сега го учи четири часа дневно, пред да седне на велосипед, за да ги заврши своите дневни обврски.
Платата му е 15 евра по час, доволно за да може да го покрие трошоците за живот и кирија од 450 евра, месечно.
Бара нова работа
„Знам дека ова е краткорочно додека не најдам друга работа“, вели тој.
Со враќањето на Талибаниците на власт и повлекувањето на НАТО силите од неговата родна земја, смета дека во Германија му се отвора уште една можност.
„Би можел да ја советувам германската влада за Авганистан, бидејќи се ми е познато“, рекол тој.
Меѓутоа, признава дека се уште никој од германските власти го нема контактирано.