ПОВЕЌЕ

    Платформата за поврзување на мали бизниси „Акселера“ еден од победниците на регионалниот Балкатон 2021

    Време зa читање: 5 минути

    Платформа за поврзување на занаетчии, мали бизниси, социјални претприемачи со големи организации, корпорации и инвеститори – accelera.mk е македонскиот победник на вториот регионален натпревар Балкатон 2021 за најдобро дигитално решение, организиран од Советот за регионална соработка (РЦЦ).

    Зад идејата, претставена на четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан, што се одржа од 11 до 13 октомври во Подгорица, стои млад мултидисциплинарен тим – Катерина, Анита, Дарко, Кристина, Васил и Теа, сите дел од Иванов школата за лидери – алумни асоцијација (ИСЛАА).

    Лидерката на тимот на ИСЛАА, Катерина Климовска во интервју за МИА, вели дека платформата ја создале предводени од идејата дека секоја новина и креативност на пазарот е добродојдена и треба да го најде својот пат до успехот, со стремеж за промоција и понуда на нови иновации на пазарот.

    – Акселера е заедница во којашто главните цели се насочени кон поттикнување на соработки и заедништво, откривање и редизајнирање на нови односи со клиентите и обликување на општествено одговорни бизниси во целост. Сето тоа, преку нашата заедница, би придонело за забрзување на растот на бизнисите и достигнување на т.н извонредност, посочува Климовска.

    Идејата, објаснува Климовска, се роди од големата желба да се оживее уникатноста која е вткаена во ракотворбите, ремек – дела ткаени и изработени со душа и срце, како и зачувувањето и заштитувањето на вештините и знаењата кои ги поседуваат традиционалните занаетчии.

    – Крајно време е уметничките форми да заживеат и да се разбуди свеста за нив во широкото поднебје. Одлучивме да преземеме иницијатива и ние да бидеме тие, кои ќе го дадат најдоброто од себе да го промовираат и заштитат културниот идентитет и традиционалните вештини на малите производители – занаетчии. Така, ја создавме оваа заеднца која не се базира на територија, улици, туку на мрежи за градење доживотни соработки кои гарантираат долгорочни позитивни резултати и партнерства кои гарантираат успех. Затоа, првичнта идеја ја надополнавме со вклучување и на големите корпорации кои преземајќи иницијатива да ги поддржат малите бизниси, може да играат важна улога во ре-дизајнирањето на економските концепти, вели Климовска.

    „Акселера“ е еден од шестте победници на вториот регионален натпревар Балкатон 2021 за најдобро дигитално решение, организиран од Советот за регионална соработка.

    Откако го виделе повикот со кој се охрабруваат млади луѓе да аплицираат со проектни идеи од областа на е-здравство, е-претприемништво, зелени и паметни градови, Климовска нагласува дека, имале брза и ефикасна акција каде низ взаемен разговор и дискусија, отвориле тема, направиле тим, детектирале проблем и подготвиле проектна апликација.

    – Од моментот на добивање на наградата, па се до нејзина целосна реализација, бевме во постојана комуникација со претставници од РСС. Во текот на изминатите недели, преку дигитална платформа за учење, имавме тренинзи и обуки реализирани од тројца професори. Секој вторник во неделата имавме предавање за подинечен сегмент од Канвас бизнис моделот, и на крај ни беше задавана задача на која моравме да одговориме од аспект на нашиот проект и на крај на неделата, на посебни тимски состаноци (поединечен состанок на секој тим со менторите) ги дискутиравме одговорите на задачата. Фактички, овој процес на учење и работа беше теоретско развивање на проектната идеја и практично имплементирање, како би дошле до финалниот продукт – во случајот нашата платформа, објаснува Климовска.

    За тоа каде ја гледаат „Акселера“ за две, три, пет години, Климовска во интервјуто за МИА, нагласува дека нивната визија е да вклучат нови играчи и да се прошират и надвор од границите, станувајќи дигитална платформа за акцелерација на мали бизниси на Балканот или во земјите од Западен Балкан.

    – Тимот којшто работи на платформата е убеден дека оформувајќи се како еден дигитален старт-ап, Акселера има многу што да понуди. Спојот на различните поднебја во кој функционираат нашите поединечни економии, е навистина еден интересен сплет кој може да донесе само корисни ефекти. Исто така, ја препознавме и желбата на македонската дијаспора за поддршка на овие бизниси, така да и нејзиното вклучување (без разлика на тоа од кој континент доаѓа) би било навистина голем чекор напред во дополнителна промоција, дополнително зајакнување и чекор напред во растежот, вели Климовска.

    На прашањето зошто младите претприемачи треба да се приклучат на платформата и што може да очекуваат од неа, Климовска вели дека во понудата ќе бидат вклучени месечни, квартални, полугодишни, години програми за забрзан раст, како и можност за диференцирани програми во зависност од индивидуалните потреби.

    – Дали станува збор за понуда и продажба, дали станува збор за поддршка при лансирање на нов производ или нова линија на производи, дали станува збор за техничко – тхнолошко надоградување, или можеби за проширување на бизнисот…, сето тоа и многу повеќе ќе биде овозможено преку нашите програми и поддршка, изјави Климовска.

    На вториот Балкатон, со вкупен награден фонд од 54 илјади евра наградени беа шест дигитални решенија на млади од Западен Балкан. Освен тимот на ИСЛА победнички идеи беа и апликацијата „Фармери до дома“ на тимот „ХЕСТ“ од Албанија, „Е-клиника“ на тимот од Босна и Херцеговина, Онлајн доктор – Клиника за е-здравје на „Косовска дигитална асоцијација“ од Косово, такси апликацијата „Покупи.ме“ на тимот од Црна Гора и еколошка биоразградлива пластика произведена од „Бифрост“ тимот од Србија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично