ПОВЕЌЕ

    Осигурителниот пазар порасна пет отсто, продажбата на полиси достигна 43,7 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Кај класите неживотно осигурување растат вложувањата во осигурување имот, во приватното здравствено осигурување, осигурување финансиски загуби и во каско осигурување воздухоплови. Кај осигурувањето живот значаен раст на вложувања има кај осигурителниот производ „јунит линкд” кој е поврзан со вложувања во инвестициски фондови при што инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот.

    Спорд податоците на Агенциата за супервизија на осигурувањето, осигурителниот пазар порасна за пет отсто во првите три месеци годинава, а продажбата на полиси (бруто полисирана премија БПП) достигна 2,69 милијарди денари (43,7 милиони евра) што е за 1,7 милиони евра повеќе од истиот период лани.

    Од Агенцијата наведуваат дека во вкупната продажба на полиси 11 компании за неживотно осигурување учествуваат со 2,27 милијарди денари или 37 милиони евра, а пет компании кои осигуруваат живот партиципираат со 414,5 милиони денари или 6,7 милиони евра.

    Споредбено со првите три месеци лани годинава значаен раст на продажбата на полиси имаат: осигурувањето финансиски загуби за 22,5 отсто, осигурувањето од општа одговорност како и осигурувањето имот од пожар и други опасности, двете класи бележат раст за 14 отсто. Продажбата на приватното здравствено осигурување во овој период е зголемена за девет отсто. Во полиси за здравствено осигурување граѓани, фирми и институции за три месеци вложиле 124 милиони денари или 2 милиони евра, во осигурување од општа одговорност 76,7 милиони денари или 1,25 милиони евра, а во осигурување финансиски загуби осигурениците вложиле 9,7 милиони денари или 158.000 евра.

    Според АСО најочигледен резултат на подобрување на продажбата на полиси кое е директен резултат на укинување на ограничувањата што ги предизвика корона кризата има кај каско-осигурување воздухоплови. Во оваа осигурителна класа за три месеци осигуреници уплатиле 78,1 милиони денари или 1,27 милиони евра, а во истиот период лани приходот од осигурување воздухоплови на компаниите бил само 11.000 денари, што беше резултат на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија.

    Од аспект на учество во вкупната продажба на полиси најголеми класи на осигурување и понатаму остануваат задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (таканаречено А.О.) и осигурувањето имот. Во полиси за АО осигурениците за првите три месеци годинава вложиле 995 милиони денари или 16,2 милиони евра. За осигурување имот граѓани, фирми и институции платиле 583,7 милиони денари или 9,5 милиони евра.

    Во првиот квартал годинава најголемо пазарно учество има „Еуролинк” пред „Триглав Осигурување”, „Халк Осигурување”, „АДОР Македонија”, „Уника”, „Сава Осигурување”, „Евроинс Осигурување”, „Винер В.И.Г”, „Осигурителна полиса”, „Кроација осигурување – неживот” и „Граве неживот”. Најголем раст на пазарното учество во ова тромесечје имаат „Халк Осигурување”, „Кроација осигурување – неживот”, „Уника”, „Граве неживот” и „Винер В.И.Г”.

    Од Агенцијата истакнуваат дека на пазарниот сегмент осигурување живот евидентен е раст на продажбата на полиси за осигурување живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот (вложувања во удели на инвестициски фондови или популарно познато како „јунит линкд” осигурување). Во овој осигурителен продукт за првите три месеци осигуреници вложиле 84,3 милиони денари или 1,37 милиони евра што е за 25 отсто повеќе од истиот период лани.

    Најголемо пазарно учество на сегментот осигурување живот во првиот квартал има „Кроација осигурување живот” пред „Граве”, „Винер Лајф В.И.Г”, „Уника Лајф” и “Триглав осигурување живот”. Во ова тромесечје раст на пазарното учество остварија „Триглав осигурување живот„ „Уника Лајф” и „Винер Лајф В.И.Г “

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично