Лицата кои наполниле 65 години, а немаат 15 години работен стаж поради неплатени придонеси, ќе можат да ги откупат тие години од стажот за да добијат старосна пензија.
Законот кој го овозможува откупот на стаж, откако беше донесен во Собранието, вчера е објавен во Службен весник. Тој стапува на сила на 18 февруари 2020 година, а ќе почне да се применува по еден месец, односно од 18 март 2020 година, бидејќи во рок од 30 дена Министерството за труд и социјална политика, треба да ја дефинира формата и содржината на барањето.
Пресметувањето на сумата за исплата ќе се прави врз основа на 20 отсто од просечната плата од претходната година објавена од Државниот завод за статистика која сега изнесува 1.400 денари за еден месец. Можност за откупување на стажот имаат и членовите од семејството на осигуреник кој починал. Со тоа може да се спроведе реализација на правото на семејна пензија.
Со Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како што информира денеска Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, се уредува начинот на утврдување на стажот на осигуреникот кој бил во редовен работен однос и бил пријавен во задолжително социјално осигурување, а обврзникот за пресметка и плаќање на придонес не го платил придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.
-Во овие случаи, со Законот се дава можност осигуреникот да може самиот за себе да изврши плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Плаќањето на придонесот ќе се однесува за оној период за кој осигуреникот поднесува барање за плаќање на придонес, под услов да бил пријавен во задолжително социјално осигурување. Основицата за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 20 отсто од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барањето за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување, објавена од Државниот завод за статистика, се вели во соопштението од Фондот.
Плаќањето на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување може да го извршат и членовите на семејството заради остварување право на семејна пензија. Правото на плаќање на придонес се остварува по поднесено барање на осигуреникот или членовите на семејството, а кое се поднесува до надлежната Филијала, односно Деловница на Фондот. По поднесеното барање, Фондот ќе донесе решение за плаќање на придонесот, откако ќе утврди дека се исполнети условите предвидени во Законот.
-Во условите се предвидува осигуреникот бил пријавен во задолжително социјално осигурување, што се утврдува од податоците во матичната евиденција на Фондот со претходно воспоставена пријава за почеток и престанок на осигурувањето утврдена во матичната евиденција на Фондот, придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за периодот за кој осигуреникот бил пријавен во задолжително социјално осигурување не е платен, односно не е целосно платен, што се утврдува со записник на Фондот и обврзникот за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување е во стечај, а осигуреникот е одјавен од осигурување, или обврзникот е избришан од регистрите кои се водат при Централниот регистар на нашата земја.
Уплатата на придонесот, потсетуваат од Фондот, се врши по донесувањето на решението. Претходното законско решение за докуп на стаж кое беше донесено во 2015 година, додаваат оттаму, имаше ограничено важење од една година, за разлика од ова законско решение кое нема ограничување во важењето.
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, ќе може да прави пресметки за плаќање на придонесот до 31 декември 2008 година.