ПОВЕЌЕ

    ОДЛИЧЕН РАСТ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА: 36,1 отсто пораст на добивката пред оданочување

    Време зa читање: 7 минути

    Во периодот од 01.01-30.06.2022 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.127,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 828,3 милиони денари што претставува зголемување за 36,1%. Планираната бруто-добивка за првото полугодие е остварена со 95,9%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,4% помала во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од помал износ на приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот и помалку наплатени претходно отпишани побарувања, додека приходите од редовно работење (нето приходи од камати, нето приходи од провизии и нето курсни разлики) бележат пораст. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на сеуште присутни ризици поврзани со идниот тек на пандемијата, зголемена инфлација која поттикна затегнување на монетaрната политика, енергетска криза и воен конфликт помеѓу Русија и Украина, кои се очекува да имаат изразено неповолни ефекти врз глобалната економија.

    Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.500,6 милиони денари и бележат зголемување од 3,4% во однос на истиот период од минатата година.

    Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2022 година истите бележат зголемување од 12,6% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на зголемувањето на приходите од камата од кредити дадени на нефинансиски друштва, држава и домаќинства, како резултат на зголемено кредитирање. Планот за анализираниот период е остварен со 103,0%.

    Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2022 година изнесуваат 513,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 4,8%. Планот за анализираниот период е остварен со 101,9%.

    Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2022 година изнесуваат 133,0 милиони денари и бележат зголемување од 62,2%, главно како резултат на поголемиот промет со клиенти правни и физички лица на девизниот пазар. Планот за анализираниот период е остварен со 158,3%.

    Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2022 година изнесуваат 530,7 милиони денари и бележат намалување од 19% во најголем дел како резултат на помалиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот и помалку наплатени претходно отпишани побарувања. Планот е остварен со 92%.

    Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2022 година изнесуваат 990,5 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 11,6% како резултат на зголемени материјални трошоци поради зголемена цена на електричната енергија, зголемена амортизација и донации во спортот по принцип на ваучери, како и зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот за 5% од почетокот на годината и зголемени премии за осигурување на депозитите. Планот е остварен со 105,7%.

    Во периодот од 01.01-30.06.2022 година Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 6,9 милиони денари.

    Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 375,9 милиони денари, наспроти 700,5 милиони денари во истиот период минатата година, што претставува намалување за 46,3%. Намалувањето на нето-исправката на вредност на финансиските средства се должи на повисоката споредбена основа во истиот период минатата година, кога Банката издвои поголем износ на резервации за корпоративното портфолио. Банката внимателно ги следи состојбите во домашната економија и во тек е изработка на проценки за очекуваниот квалитет на кредитното портфолио до крајот на годината и неговото влијание врз финансискиот резултат.

    Биланс на состојба

    Вкупната актива на Банката на 30.06.2022 година достигна износ од 148.595,5 милиони денари и бележи минимален пораст во однос на декември 2021 година. Планот е остварен со 98,5%.

    Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 11,9%, главно заради намалената состојба на пласираните депозити преку ноќ во НБРСМ, а со цел обезбедување попрофитабилни пласмани. Планот е остварен со 86,5%.

    Средствата за тргување бележат зголемување за 14% како резултат на поголем износ на купени од продадени акции во извештајниот период. Планот е исполнет со 113,8%.

    Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 352,4 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

    Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 36,2%, кое се должи главно на одобрени кредити за ликвидност на домашни банки. Покрај тоа, во оваа позиција зголемување бележат и пласманите во странски банки над 3 месеци, што се должи на позитивните придвижувања на каматните стапки кај странските банки во услови на зголемени референтни стапки од страна на ФЕД. Планот е исполнет со 135%.

    Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 8,4% како резултат на зголемено кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства, поради отпочнатото економско заздравување од крајот на минатата година. Планот е остварен со 106,8%.

    Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 4,1% главно како резултат на запишани државни записи во денари и со валутна клаузула, како и македонски еврообврзници. Планот е остварен со 102,9%.

    Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 2,1% и имаат минимално учество во вкупната актива.

    Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 131.361,8 милиони денари и бележат зголемување од 0,2%. Планот е остварен со 98,7%. Врз состојбата на вкупните депозити во текот на првото полугодие влијание имаат следните настани:

    – одливите на средства од сметките на енергетските компании на почетокот на годината заради зголемените цени на електричната енергија,

    – распределбата на остатокот од стечајната маса на Еуростандард банка АД во стечај,

    – повлекување на штедните влогови на домаќинствата во март како психолошка реакција на отпочнувањето на воениот конфликт во Укарина,

    – стабилизирање на состојбите во текот на мај и јуни и враќање на депозитите на домаќинствата на патеката на стабилен раст, што придонесе и за раст на вкупните депозити.

    Обврските по кредити достигнаа износ од 747,9 милиони денари и се зголемени во однос на декември 2021 година за 4,8%. Планот е остварен со 107,4%.

    Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2022 година достигнаа износ од 14.543,6 милиони денари и бележат намалување од 2%, како резултат на нето-ефектот од зголемување на резервите на Банката согласно Одлука од Собранието на акционери, евидентирана зголемена тековна добивка, зголемена задржана добивка и исплата на дивиденда на акционерите на Банката во април. Планот е реализиран со 95,0%.

    Исплатени дивиденди

    Во извештајниот период Банката објави повик за учество на годишно собрание на акционери. Составен дел на материјалите за собранието беа и Одлуката за употреба и распределување на нераспределената добивка до 31.12.2021 и Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2021 година. Врз основа на наведените одлуки, Банката на 27.04.2022 година изврши исплата на дивидендата за 2021 година на акционерите иматели на обични акции кои се 4 евидентирани во книгата на акции на 14.04.2022 година. Од вкупно пресметаната дивиденда за 2021 година во износ од 1.413.021.540,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 757.905.360,00 денари и на физички лица во износ од 655.116.180,00 денари. Износот на дивиденда по една акција е 620,00 денари, односно 62,0% во однос на номиналната вредност на акцијата.

    Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

    Недвижностите и опремата со состојба на 30.06.2022 година бележат намалување од 1,2% во однос на декември 2021 година, главно како резултат на пресметана амортизација.

    Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30%)

    Со состојба на 30.06.2022 година, обврските по кредити бележат зголемување од 4,8% во однос на декември 2021 година, главно како резултат на повисокиот износ на нови повлекувања во однос на износот од редовна отплата на обврските по кредити.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично