Се обезбедуваат средства за Гарантен фонд и Фонд за развој во рамки на Развојна банка, коишто имаат за цел да ја зголемат конкурентноста на фирмите и да ги поттикнат извозот, технолошкиот развој и воведувањето нови производи кои ќе дадат додадена вредност во извозот. Оваа недела на Влада беа усвоени Одлуки изготвени од страна на Министерството за финансии, со што се овозможи обезбедување на средствата.
Притоа, од Буџетот, 5 милиони евра неповратни средства се обезбедуваат за Гарантен фонд, а дополнителни речиси 10 милиони евра (610 милиони денари) се обезбедуваат за формирање Фонд за развој.
Гарантниот фонд и Фондот за развој неодамна ги најави министерот за финансии, Фатмир Бесими, како инструменти коишто се дел од Планот за забрзан економски раст и истите ќе бидат во насока на финансирање на заздравувањето на економијата погодена од кризата предизвикана од КОВИД-19. Целта на Планот, како што рече Бесими, е поддршка на забрзаниот и одржлив раст, а притоа одржување на фискалната стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства издвоени од Буџетот.
Конкретно, со предложеното надополнување на Гарантниот фонд со дополнителни 5 милиони евра ќе се зголеми поддршката на приватниот сектор преку гарантирање за кредити за обртни средства и за основни средства коишто ќе се одобруваат од страна на комерцијалните банки, и кои, според мултипликаторот, првично ќе генерираат околу 100 милиони евра поволни кредити за стопанството. Притоа, средствата за гарантирање на кредитите одобрени од банките и штедилниците ќе се зголемaт и ќе изнесуваат вкупно 15 милиони евра.
Гарантниот фонд веќе функционира како посебна организациона единица во рамките на Развојната банка со цел поддршка на развојот на микро, мали и средни претпријатија како и големи трговци што вршат извоз.
Во насока на поддршка на економијата е и формирањето Фонд за развој во рамки на Развојната банка, чие финансирање се овозможува со обезбедување на средствата. Фондот ќе има можност, преку поволни кредитни производи, да ги поддржи компаниите ориентирани кон извоз и активностите во областа на истражувањето и развојот, со цел да го поттикнат извозот, технолошкиот развој и воведувањето нови производи. Активностите за поддршка на извозот исто така ќе вклучуваат програма за развој на добавувачи насочена кон зголемување на технолошката подготвеност и капацитетите на домашните компании да учествуваат во глобалните синџири на производство.