Новата германска влада ќе наследи економија која бележи брз раст на активноста во последните месеци, покажа денешниот извештај на централната банка на Германија.
„Економијата најверојатно ќе порасне посилно во третиот квартал отколку во пролетта како целина“, наведува Бундесбанката во месечниот извештај за септември.
Најголемата европска економија закрепнала од слабиот почеток на годината благодарение на олеснувањето на ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот.
„Во летото 2021 година, закрепнувањето на германската економија, кое започна во пролетта, продолжи“, се вели во соопштението на Бундесбанката.
Личната потрошувачка и услужниот сектор особено силно се опоравиле, благодарение на олеснувањето на ограничувањата за корона, кои оттогаш се во голема мера укинати “, додаваат тие.
Индустријата, пак, страда од проблеми со набавката на полуфабрикати и суровини.
„Последица е континуирано значително заостанување во нивото на производството зад силната побарувачка“, посочуваат во централната банка.
„Индустриското производство во јули, секако, се зголеми за прв пат по четири месеци, но ова главно може да се припише на летните одмори“, предупредуваат тие.
Јавноста во Германија во моментов е преокупирана со парламентарните избори в недела. Нецелосните официјални резултати објавени утрово покажаа дека социјалдемократите освоија тесно мнозинство од 25,7 проценти од гласовите, наспроти 24,1 проценти од ЦДУ / ЦСУ.
Двете големи партии започнаа разговори за повторно воспоставување голема коалиција, пишува ДПА.
Бизнис лидерите ги повикаа да избегнат политичка неизвесност и да формираат коалиција што е можно поскоро, додава агенцијата.