Традиционално со свечен настан во НЛБ Галерија, НЛБ Банка го заокружи единаесеттиот по ред „НЛБ Месец на штедење“. На настанот беа прогласени најдобрите ликовни творци на темата „Штедиме и создаваме изуми за подобар свет” и најуспешните основни училишта во креирање „Изум кој ќе го направи светот подобро место за живеење’.
Годинава на ликовниот конкурс на НЛБ Банка пристигнаа повеќе од 1000 цртежи од деца на возраст од 5 до 15 години, од 40 основни училишта од земјава, а за изборот на победничките 20 цртежи беше задолжена стручната комисија во состав на наши реномирани академски уметници. Уште 10 цртежи беа избрани по пат на јавно гласање на микросајтот Штедење, каде беа објавени пристигнатите ликовни творби. На сите 30 наградени деца, НЛБ Банка им додели благодарница за учество и штедни книшки со влог од 3000 денари.
Во наградниот предизвик на тема „Изум кој ќе го направи светот подобро место за живеење’, основните училишта имаа за задача да направат макета на свој изум кој ќе понуди решение за одржливост и зачувување на животната средина и планетата Земја. Од 40 пристигнати макети, комисијата составена од вработени во НЛБ Банка ги награди трите најдобри и тоа: прва награда во вредност од 3000 евра за ОУ,, Јосип Броз Тито” од с. Жировница, втора награда за ОУ,, Димитар Миладинов” од Скопје во вредност од 2000 евра и трета награда за ОУ,, Блаже Конески” од Велес во вредност од 1000 евра. Наградите на училиштата ги врачи претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје г.Бранко Грегановиќ
Годинава „НЛБ Месецот на штедење“ кој започна традиционално со претстава со маскотите на детското штедење Тиби и Штуки и забавно едукативна програма за најмалите во просториите на Банката, се одвиваше во периодот од 26 септември до 25 октомври. Во текот на едномесечната кампања беа посетени голем број основни училишта во кои беше изведена едукативната претстава со Тиби и Штуки, а исто така на децата им беа одржани и низа предавања на тема штедење од страна на вработените на Банката.
Изложбата на цртежите ќе биде поставена во НЛБ Галерија, а сите заинтересирани посетители можат да дојдат да ја погледнат секоја работен ден од 8-16 часот.