Во периодот од 1.1.2019 до 31.12.2019 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2019-та година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и на пазарните услови во земјата.
Во анализираниот период, Банката оствари нето добивка во износ од 1.849.918 илјади МКД, што е за 15,3% над планот, што се должи на континуирани продажни активности на кредитните и картичните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатија и на значајните инвестиции во електронските сервиси кои се подостапни и побогати со дополнителни услуги и функционалности за клиентите како и на пониската исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност.
Инвестициите во дигитализацијата и новите технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите финансиски резултати беа наградени од:
– Финансискиот магазин “The Banker” за Банка на годината во Северна Македонија за 2019 година по јубилеен, десетти пат
– Македонска берза – Награда „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентна компанија – 3то место
– Македонска берза – Награда за членки со најголем остварен промет – 3-то место
– Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2018 каде НЛБ Банка АД Скопје, трета година по ред, e избрана за Најдобра банка во Македонија
– Euromoney во Лондон, каде НЛБ Банка АД Скопје беше прогласена за Најдобра банка во Македонија за 2019 година
– Македонската Асоцијација за човечки ресурси – МАЧР ја одликуваше НЛБ Банка АД Скопје со плакета „Компанија ориентирана кон луѓето“.
Биланс на состојба
Заклучно со 31.12.2019 година билансната сума изнесува 88.176.947 илјади МКД, односно се зголеми за 6.350.984 илјади МКД или 7,8% во однос на 31.12.2018 година. Во однос на планот за периодот билансната сума е повисока за 7,4%.
Кредитите и побарувањата од банки бележат намалување од 220.837 илјади МКД во однос на 31.12.2018, а се повисоки во однос на планот.
Вкупните кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 54.691.236 илјади МКД и бележат зголемување од 6,3% во однос на 31.12.2018.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања во однос на претходната година се значително зголемени како резултат на превземен имот со цел наплата на побарување. Во однос на планот за периодот се повисоки за 16,8%.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 72.878.226 илјади МКД и во однос на 31.12.2018 година се зголемени за 6.029.834 илјади МКД или за 9,0%. Во однос на планот за периодот се повисоки за 9,4%.
Обврски по кредити се намалени за 334.544 илјади МКД или за 34,2%. Во однос на планот за периодот се пониски за 47,2%.
Биланс на успех
Вкупните приходи од работење изнесуваат 4.419.551 илјади МКД и се пониски за 8,7% во однос на истиот период претходната година. Во однос на планот се пониски за 0,8%.
Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.940.488 илјади МКД и се повисоки за 6,0% при што трошоците за вработени се повисоки за 5,5%, трошоците за амортизација се пониски за 16,9% (зголемен корисен век на дел од опремата),
останатите расходи од дејност се повисоки за 12,2% во однос на истиот период претходната година.
Очекувања за претстојниот период
Во годината која следува, се очекува Банката да продолжи со интензивни кредитни активности, како во сегментот на претпријатија така и кај физичките лица, засилена продажба на полисите за животно, неживотно и пензиско осигурување, како и поинтензивно користење на услугите на платните сервиси адекватно на сезонските движења во економијата, што ќе придонесе за континуирано позитивно работење и
остварување на планираните цели утврдени за наредниот период.
Во фокусот на Банката ќе биде и одржувањето или зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на Република Северна Македонија во
зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста. Како и досега, интензивно ќе се работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење, како и на
развој на информатичкиот систем на Банката.
Исплатени дивиденди
НЛБ Банка АД Скопје на ден 28.6.2019 година изврши исплата на дивиденда согласно Одлуката за распределба на дивиденда и утврдување на дивиденден календар на НЛБ Банка АД Скопје за 2018 година. Вкупниот износ на дивиденда кој им се исплаќа на акционерите изнесува 1.484.358 илјади МКД. Износот на бруто
дивиденда по акција изнесува 1.738,00 МКД.