Цените на нафтата драстично пораснаа во вторникот откако американскиот претседател Џо Бајден најави дека САД ќе ослободат 50 милиони барели нафта од стратешките резерви во обид да ја намалат цената на нафтата и да ги намалат трошоците за енергија, особено цената на бензинот пред празникот кога е сезона на патување.
Според Бајден, овој потег на неговата администрација нема да го реши проблемот со високите цени на бензинот преку ноќ.
„Ќе биде потребно време, но наскоро треба да видите дека цената на бензинот паѓа онаму каде што го полните резервоарот. И на долг рок, ќе ја намалиме нашата зависност од нафтата додека преминуваме на чиста енергија“, рече Бајден, пренесува CNN.
Ослободувањето нафта од стратешките резерви треба да го реши недостатокот на снабдување со нафта ширум светот, но неговиот реален ефект може да биде ограничен. Нафтата од резервите нема да дојде на пазарот пред „средината или крајот на декември, во зависност од зафатеноста на пазарот“, изјави неименуван висок функционер на администрацијата на Бајден.
„Преземаме акција. Голем дел од причината зошто Американците се соочуваат со високи цени на бензинот е тоа што земјите производители на нафта и големите компании не го зголемија обемот на понудата доволно брзо за да ја задоволат побарувачката. И колку е помала понудата, толку е поголема цената на глобално ниво“, рече Бајден.
Белата куќа одлучи да ја ослободи нафтата од резервите во време кога се соочува со зголемен притисок да ги намали нагло растечките цени на бензинот кои придонесуваат за најголемиот пораст на инфлацијата во последните децении, предизвикувајќи незадоволство кај многу Американци. САД и неколку други земји побараа од производителите на нафта собрани во ОПЕК + значително да го зголемат дневното производство, но тоа барање не беше испочитувано.
„Американските потрошувачи го чувствуваат влијанието на повисоките цени на бензинот на бензинските пумпи и сметките за парно, а американските компании исто така го чувствуваат тоа, бидејќи понудата на нафта не го следи растот на побарувачката како што светската економија излегува од пандемијата. Затоа претседателот Бајден ја користи секоја алатка што му е достапна за да работи на намалување на цените и решавање на недостигот од залихи“, соопшти Белата куќа.
По неколку дена цената на референтната нафта брент повторно е повисока од 80 долари за барел, поточно 82,23 во среда попладне (CET). Во исто време, цената на американската нафта WTI (West Texas Intermediate) надмина 78,50 долари за барел, откако во вторникот порасна за повеќе од три отсто, покажуваат податоците на специјализираниот портал за следење на енергетскиот пазар OilPrice.
И покрај фактот што земјите кои се големи потрошувачи на нафта ги гледаат овие цени како превисоки и сметаат дека тоа го попречува глобалното економско закрепнување, според метричката анализа направена од JPMorgan Chase, суровата нафта е всушност многу евтина. Сегашните цени на нафтата се ниски во споредба со историските нивоа, за разлика од акциите, обврзниците и некои други артикли. Историски, цената на нафтата би била околу 115 долари за барел, проценува JPMorgan.