Во рамките на Регионалната програма за јакнење на капацитетите на централните банки на земјите кандидатки и потенцијални кандидатки за членство во ЕУ од Западен Балкан, којашто е во тек, започна да се спроведува билатералната мерка во соработка со Хрватската народна банка, насочена кон понатамошно зајакнување на функцијата на нашата централна банка во областа на меѓународните односи и особено евроинтеграциите.
Целта на оваа конкретна билатерална мерка ќе биде проучување на искуството на Хрватската народна банка во процесот на пристапување во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), како и соработката со европските институции по влезот во ЕУ, врз основа на што ќе се изработи патоказ за натамошниот дел од процесот на интеграција во ЕУ. Искуството на Хрватската народна банка, како и искуствата на други централни банки коишто го имаат поминато евроинтеграцискиот процес, се од големо значење за зајакнување на функцијата на нашата централна банка во сферата на меѓународните односи и односите со ЕУ, заради соодветно исполнување на улогата на Народната банка во процесот на пристапување кон ЕУ и потоа. Програмата финансирана од ЕУ за јакнење на капацитетите на централните банки од Западен Балкан започна да се спроведува во 2019 година, во соработка со Централната банка на Германија како координатор на Програмата, деветнаесет други централни банки од Европскиот систем на централни банки и Европската централна банка, а ќе се спроведува до крајот на оваа година. За оваа Регионална програма, Европската унија одвои 2 милиони евра преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА II).