Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година. Нејзин добитник е Рејхан Сулејман, наградена со прва награда за трудот „Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија”.
Трудот на Сулејман беше оценет со највисока просечна оценка, во согласност со критериумите од објавениот конкурс. Станува збор за труд што се одликува со конзистентност и истражува релевантна област којашто се однесува на економскиот развој, со посебен акцент на нашата земја. Целта на трудот е да се испита влијанието на претприемаштвото врз економскиот раст. Во трудот се дава осврт на претприемаштвото во нашата земја, а економската анализа е направена со примена на релевантна методологија (панел-процена). Главниот заклучок од анализата е дека претприемачката активност во рана фаза (TEA – total-early stage entrepreneurial activity) нема статистички значајно влијание врз економскиот раст, додека етаблираните претприемачки бизниси, или т.н. воспоставена деловна сопственост (EBO – established business ownerships) имаат позитивно влијание врз растот на БДП.
Трудот на Рејхан Сулејман е објавен на веб-страницата на Народната банка и е достапен овде.
Народната банка ја доделува Годишната награда за млади истражувачи веќе петнаесет години, заради стимулирање на развојот на научната мисла во земјата и афирмација на младите стручни кадри. Конкурсот за годинешната награда беше објавен кон средината на минатата, а трудовите се доставуваа до 1 февруари оваа година. Согласно со стандардно утврдените правила, право на учество на конкурсот имаат авторите од земјата на возраст до триесет и пет години, при што секој автор може да конкурира само со еден труд, којшто задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. На годинешниот конкурс беа уредно пристигнати и разгледани четири труда од млади истражувачи.
Согласно со досегашната практика, наградениот труд „Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија” ќе биде презентиран во рамките на активностите на Клубот на истражувачите, на сесијата којашто ќе се одржи во јуни.