Како институција што обезбедува ценовна и финансиска стабилност, Народната банка има важна улога во создавањето предуслови за одржлив економски развој. Преку водење независна, предвидлива и одговорна монетарна политика, зајакнување на финансискиот систем и преку поддршка на структурните реформи, Народната банка директно придонесува за градење стабилно економско опкружување.
Во тој контекст, денеска се одржа првата официјална средба меѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и новоименуваната директорка на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово, Кaрол Межеван. На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката со Светската банка, којашто претставува важен партнер во поддршката на националните политики и на институционалниот развој.
Гувернерот Славески ѝ посака успешно работење на Межеван на новата функција и го изрази задоволството од досегашната продуктивна соработка со Светската банка, којашто преку проекти за техничка помош, анализи и препораки, придонесува за зголемување на институционалните капацитети и за успешно остварување на најважните реформски активности.
Особено внимание им беше посветено на прашањата поврзани со дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, развојот на пазарите на капитал и зголемувањето на отпорноста на финансискиот систем кон светските шокови. Притоа, беше нагласено дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за понатамошна соработка во сите полиња каде што поддршката на Светската банка може да придонесе за натамошно јакнење на макроекономската стабилност и за создавање услови за економски напредок.
И гувернерот, и директорката се согласија дека од суштинска важност за справувањето со предизвиците од новото светско економско окружување е градењето стабилни и силни институции, коишто меѓусебно се координираат и се поддржуваат преку меѓународна соработка.