Над 7,2 милијарди денари директни исплати за земјоделците во 2025 година, најави премиерот Мицкоски
Од централниот буџет за земјоделците годинава ќе бидат обезбедени повеќе од 7,2 милијарди денари или над 120 милиони евра, информира премиерот Христијан Мицкоски.
На новинарско прашање при посетата на Општина Штип, премиерот истакна дека сите заостанати долгови за субвенции се подмирени до крајот на 2024 година, а во моментов се реализираат тековните исплати.
„Апсолутно ќе има средства за директни исплати во новиот буџет. Откако сме Влада, само лани, од 24 јуни до крајот на 2024 година, исплативме над 70 милиони евра за земјоделците, со што ги вративме сите долгови. За 2025 година предвидовме повеќе од 7,2 милијарди денари или над 120 милиони евра директни плаќања,“ изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека земјоделството останува приоритет за Владата.
„Во 2024 година постигнавме добри резултати со лозарите, јаболкарите, тутунарите и производителите на раноградинарски производи. Обезбедивме пазар и за оризот, пченицата, јачменот и други земјоделски производи. Континуирано ги поддржуваме земјоделците, и така ќе продолжиме и оваа година,“ потенцира премиерот.
Мицкоски денеска присуствуваше на неколку настани во Штип, меѓу кои и пуштањето во употреба на нов клон на градинката „Вера Циривири Трена“ и спортска балон-сала во рамки на подрачното училиште „Гоце Делчев“ во Три Чешми.
Со вложување од 2.500.000 денари од буџетот на Општина Штип, во училиштето се адаптираше неискористен простор за згрижување на 40 деца, обезбедувајќи им воспитно-згрижувачки услови. Покрај тоа, новата спортска сала, финансирана со 10.000.000 денари од блок-дотации од Министерството за образование, ќе биде простор за спортски активности и развој на младите.
Исто така, тој присуствуваше на поставување камен-темелник за главен резервоар за вода во населеното место Пребег.
Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов, продолжуваме со нови проекти. Веќе следната недела започнува изградбата на обиколницата, вредна 2 милиони евра, а во втората половина на јануари ќе го објавиме новиот повик за проекти вредни 6,5 милиони евра за Штип.
Македонија и создаваме подобра иднина Заедно ја развиваме за сите граѓани!, истакна Мицкоски