Компанијата Тесла во третото тримесечје продала 241.300 електро автомобили и покрај недостатокот на чипови со кој се судира целата автомобилска индустрија.
Тесла соопшти дека во периодот од јули до септември ширум светот испорачале 241.300 автомобили „модел Y „модел 3“, „модел S“ и „модел X“, со што ги надминале сите очекувања.
Како што се соопштува од компанијата, продажбите се зголемиле за 72 отсто во споредба со истиот период лани. Тесла тогаш снабдила околу 140.000 автомобили.
Нивниот продажен резултат воедно е и нов квартален рекорд, претходниот изнесувал 201.250 автомобили и поставен е во второто тримесечје годинава.
Убедливо најпродавани во третиот квартал биле „модел 3/Y“ со вкупно 232.025 примероци, додека во исто време испорачани се 9.275 возила од „моделот S“ и од „моделот X“.
Кога станува збор за производството, во периодот јули-септември од фабричките ленти се симнати 237.823 автомобили од марката Тесла, од нив 228.882 примероци од „моделот3/Y“ и 8.941 примероци од „моделот S/X“.
Аналитичката компанија FactSet соопшти дека продажбите од јули до септември ја надминале прогнозата на Волстрит од 220.900 автомобили.
Досега во 2021 година Тесла продала 627.300 автомобили, со тоа надминувајќи го минатогодишниот број од 499.550 единици.