Меѓународниот монетарен фонд уште еднаш ја потврди стабилноста на денарот и на банкарскиот систем во земјава. Во изјавата од последната редовна мисија на ММФ во земјава се наведува дека фиксниот девизен курс на денарот e сидро на стабилноста, поддржан од соодветното ниво на девизните резерви.
Меѓународниот монетарен фонд оценува дека банкарскиот систем се покажа како стабилен и силен за време на пандемијата и дека и понатаму останува добро капитализиран. Меѓународниот монетарен фонд препорачува понатамошно зајакнување на рамките за макропрудентна политика и на финансиската безбедносна мрежа. Од Фондот посочуваат и дека е неопходно зачувување на независноста во работењето на Народната банка.
Во изјавата на Мисијата се осврнуваат и на монетарната политика, при што според ММФ, промените во домашната монетарна политика не би имале влијание врз ефектите од ниту еден од глобалните фактори коишто влијаат на инфлациските движења. Како што наведуваат, зголемувањето на цените на енергијата и храната во глобални рамки, како и во другите земји, поттикнаа поголема инфлација во 2021 година, а можно е тие да придонесуваат кон инфлацијата и на почетокот од 2022 година. Општо земено, ММФ очекува дека инфлацијата ќе почне да се намалува во втората половина на следната година и ќе се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа.