Мерките за помош на економијата што ги понуди Владата се добри, ама недоволни. Ова е еден заеднички именител во ставовите на економските експерти, но и стопанствениците откако вчера беше понуден еден пакет мерки за поддршка, најмногу на погодените сектори. Професорката Никица Мојсоска Блажевски вели дека очекува други пакети поддршка, а сугерира државата да се обврзе на брз поврат на ДДВ и евентуално да размисли за намалување на платите на јавната администрација.
Владата понуди вчера сет мерки меѓу кои и бескаматни кредити за погодените сектори и ослободување од 50 отсто од придонесите за нив. Мојсоска Блажевски која е главен извршен директор на Македонија 2025 смета дека клучно е да се направи категоризација на секторите според претрпените или потенцијалните загуби. Во првата категорија да се најтешко повредените сектори, како на пример угостителство, во категорија 2 – сектори со загуби над 40 проценти и категорија 3 – загуба од 25-40 отсто, па мерките да се спроведуваат пропорционално за овие категории, согласно степенот на загуби.
„Во однос на донесените мерки, сметам дека издвоениот износ на финансиската поддршка е многу мал. Со едноставни пресметки, ако просечен износ на кредитот е 16,500 евра, тогаш значи дека издвоените средства може да опслужат околу 345 компании. Поддршката за платите ќе се дава од месец април и се надевам дека тоа важи за мартовските плати. Доколку не важи и за март, сметам дека веднаш треба да се корегира. Инаку, условите за користење на оваа мерка сметам дека се одлични. Би додала дека помошта треба да се прошири, во помал обем, на компаниите од категориите 2 и 3. Мерката за ослободување од аконтациите од данок на добивка е добра, но треба да се прошири и на други сектори, вели професорката.
Таа смета дека треба поголемо намалување на некои парафискални давачки, но сугерира и друг сет мерки.
„Државата да се обврзе на многу брз поврат на ДДВ, да не ја попречува ликвидноста; можно намалување на платата на вработените во јавната администрација особено во скетори кои немаат работ во овој период за 10 проценти што е солидарност, но и замрзнување на сите предвидени зголемувања на плати и надоместоци во буџетот за 2020 година. Може да се замрзне реализацијата на непродуктивни и несуштински расходи во буџетот за кои е потребен увоз, замрзнување на плаќање на камати во март и април за погодените компании/сектори; можност за одложено плаќање на јавни давачки при увоз, вели Мојсоска Блажевски.
Професорот Александар Стојков вели дека треба да има и порадикални мерки односно да има итен ребаланс на буџетот
„Ребаланс со значајни пренамени и финансиска инјекција за стопанството и за граѓаните. Прометот е во слободен пад, платите и работните места стануваат несигурни, бизнисите се пред најтешкиот предизвик од осамостојувањето до денес. Бидејќи слабо ќе оди наплатата на буџетските приходи, загрозени ќе бидат и платите на вработените во јавниот сектор. Сите сме во истиот брод. Буџетскиот дефицит и јавниот долг ќе се зголемат. И нека се зголемат. Во добри времиња ќе ги намалуваме, вели Стојков.
Тој вели и дека на располагање ни стои кредит за итно финансирање од ММФ (Emergency financing преку The Rapid Credit Facility (RCF) или Rapid Financing Instrument (RFI)), без формално склучување посебен аранжман.
Претседателката на Сојузот на стопански комори вчера за Фактор Данела Арсовска рече дека мерките се доби ама недоволни. Се пожали дека ситуацијата во стопанството е очајна. Се бара банките да не наплатуваат рати за кредитите во траење од три месеци со можност за продолжување уште три месеци.
Владата објави вчера дека се обезбедени вкупно 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Ќе се субвенционираат и придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020 година и ова да важи од денот на користење на мерката.
Александра Томиќ