Живееме во ера кога сите се во некоја трка за што поиновативно решение или идеја за да започнат свој бизнис. Самото опкружување наметна ситуација во која само најиновативните поединци или групи може да имаат свое место во бизнис опкружувањето. Голем дел и од државната помош е насочена кон развој на стартапи или поддршка на нови проекти, а и самата претприемачка култура се раководи на принципите на нешто оригинално. Далеку од тоа дека ваквиот пристап е погрешен, напротив тоа е добар механизам за заживување на сите сегменти од националната економија и стопанството, но факт е дека не сите може да станат иноватори. Голем број на поединци, не успевајќи да се пробијат во светот на стартапите, целосно се откажуваат од идеата да се занимаваат со сопствен бизнис. Тука е генералниот проблем и мора да реагираме за да правилно и соодветно се детектираат поединците кои може да генерираат бизнис клима, но сепак не се на нивото на еден Илон Маск. Доколку овие луѓе не успеале во градењето на својот бизнис не значи дека треба да се вработаат во државна администрација или својот пат да успехот да го бараат преку океанот.
Додека чекаме државата да излезе со соодветни решенија околу оваа проблематика, можеби секојдневно се среќаваме со потенцијалните решенија. Едно од нив е купување на веќе постоечки бизнис. Заборавете дека мора да бидете заведени во регистарот на патенти за да бидете претприемач. Купување на некој постоечки бизнис од сопственик кој е во фаза на пензионирање можеби е најправилниот начин за да се вклучите во бизнис процесот. Голем број од компаниите во Македонија беа формирани со распадот на Југославија, дел од нив со раздор на една голема компанија во неколку помали, дел како тренд од движењето за формирање на приватна сопственост. Од тогаш поминаа 30 години и основачите на тие компании се пред вратите на пензиските фондови, а проблемите со кои преживуваа овие иминати 30 години во голема мера ги одвратија нивните фамилијарни наследници да го продолжат бизнисот.
Доколку се впуштите во една таква авантура и сериозно размислувате да инвестирате во посточки бизнис, во продолжение неколку совети како тоа да го направите правилно:
- Движете се во кругови на луѓе кои може да ве препорачаат кај потенцијалните продавачи. Не мора тоа да бидат пријатели или посредници. Тука може да вклучите и помош од адвокати и сметководители. Директната препорака е многу побитна од вашето образование, искуство и финансиска моќ.
- Направете детално истражување на пазарот. Нема да биде лесно да најдете квалитетен бизнис со сопственик кој треба да се пензионира. Напротив, во најголем процент сопствениците никогаш нема да признаат дека е време да го предадат бизнисот. Посебно не кога станува збор за надворешен човек. Мора да направите сегментација на бизнис потенцијалите и индустријата во која ќе делувате, а потоа да ги истражите сите пропратни елементи на работењето (купувачи, добавувачи, атрактивност на локации, потенцијал на дејноста и сл.)
- Финансиска моќ. Секој што ќе се нафати да го продаде својот бизнис очекува одредена финансиска компензација. Мора точно да знаете колкав е планираниот буџет за инвестирање(во колкава мера мера ќе бидат сопствени средства, а колку банкарски кредити). Доколку немате доволно финансиски потенцијал за купување на бизнисот, можеби добра варијанта е постепено превземање. Тоа е процес кој започнува со учење на бизнисот директно од сопственикот, запознавање со сите детаљи од процесот, превземање клучни менаџерски одлуки, додавање дополнителна вредност и на крај купување на уделот преку годишни отплати од постоечкиот бизнис.
- Детално скенирање на финансиите. Доколку не се занимавате со сметководство можеби најпаметно е да најмите искусен сметководител кој темелно ќе го обработи работењето на компанијата неколку години наназад и ќе може адекватно да ги пренесе сите ставки од билансите, заклучните листови и аналитичките картички. Во нив се крие цело богатство на информации преку кои ќе имае сознание во што се впуштате. Внимавајте на ненаплатливи побарувања кои се провлекуваат низ годините, детално скенирајте ја базата на добавувачи и нивото на концентрација, страната на обврските ќе покаже дали компанијата има активни кредити, достасани обврски кон добавувачи, позајмици и сл.
- Поврзување со сопственикот. Можеби клучниот елемент е да оставите добар впечаток кај сопственикот на бизнисот. Некој кој напорно работел 30-40 години и својот живот го посветил на изградба на своја компанија, нема туку-така да ја продаде на првиот заинтересиран(доколку не станува збор за итна финансиска потреба). Идниот сопственик треба во голема мера да покаже дека има ентузијазам и желба за продолжување на вредностите кои се вградени во работењето. Доколку ве препознаат за нивен наследник, во секоја смисла, сте завршиле со најголемиот дел од процесот на купување на бизнисот.
Ако првата варијанта за креирање свој бренд изгледа далечна, тогаш побарајте друг начин да успеете во светот на бизнисот. Влегувањето на ваков начин бара соодветно планирање и конкретни акциони планови. Многу работи ќе мора да промените и ги вложите сите свои ресурси и капацитети во градење нов лик на бизнисот, бидејќи ако се било добро, 99% тој бизнис немало да се продаде. Купувањето на постоечки бизнис е побезбедна варијанта, знаејќи дека не почнувате од нула, додека лимитот до кој можете да стигнете секогаш е во знакот на ∞.
Редакција Пари