Да бидеме на чисто, менувањето на плановите и утврдените временски рамки не е ОК, но на сите ни се случува да ни „искрснат” непредвидени работи кои доведуваат до тоа да се промени планот кој претходно сте го имале направено.
Е, сега, ако веќе треба да промените некаков и/или нечиј план, имајте ги на ум следниве работи:
- Што ќе направи таа промена во вашите планови?
- Што ќе направи таа промена во плановите на другите луѓе?
Кога ќе одговорите на овие две, навидум едноставни прашања, тогаш ќе одиме на опцијата, дали да го менуваме планот или не и, ако да, како тоа да го спроведете.
- Најмалку време за известување – според некои истражувања до кои дојдов, најмалку е потребно 48 саати за промена на планот. Ова се работи најмногу кога зборуваме за промена на смени, замени итн. Но, ако правиме муабет за одложување на состанок или какво било собирање, истражувањата кажуваат дека се потребни минимум 2 саати.
- Причини – не би сакал да навлегувам во причините, но не смее да биде некој ваш хир (ручек со пријатели, така ми текнало или што било) туку мора да имате навистина содржајни причини за да го направите одложувањето. Причините, би било пожелно да ги кажете.
- Одложување или отсуство – во зависност од вашата улога во целиот тим, може да барате одложување на состанокот или собирот или да барате да имаат собир без вас.
- Оф или онлајн – со новото „нормално”, можете вашето присуство да го замените од физичко присуство на состанокот, во ваше онлајн присуство на состанокот. Тоа е секако, ако околината или структурата на работата дозволува. Но, ако најавите дека ќе можете да биде присутни онлајн, тогаш да бидете присутни, затоа што поради вас технички се менува целата структура на собирот/состанокот.
- Нареден собир – се е ОК дека ќе побарате одложување на планот, но би било убаво да понудите друго време кога вие би биле слободни, но според сите бонтон правила или етички однесувања, кога веќе вие барате одложување, тогаш ќе треба да бидете подготвени за адаптација на вашиот план според планот на другите во групата за следната средба.
- Помош – како што реков претходно, промената на планот предизвикува промена на плановите и кај другите. Фер би било да понудите помош на колегите во извршување на обврските, поради промена на планот.
Она што е најважно да се знае е дека самото одложување на работите и менување на планот има последици. Тоа доведува до менување не само на вашиот план, туку и на планот на цела една група луѓе кои претходно планирале за извршување на работа или нивно присуство на состанокот.
Затоа, ако навистина немате некоја неодложна работа поради која би требало да одложите, немојте!
Калин Бабушки
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој: