Не стивнува интересот за акциите на „Македонијатурист“. Нов акционер во хотелско-угостителската компанија е друштвото за трговија, производство и услуги М.Г. Фешн ДОО Увоз-извоз од Скопје, кој поседува акционерски пакет од 7,69 проценти од вкупниот број обични акции на компанијата, односно 34.795 акции.
Оваа компанија влезе во групата на најголеми акционери во „Македонијатурист“. М.Г. Фешн 20 години е застапник на некои од најпознатите светски брендови чии франшизи ги поседува, а колекциите можат да се најдат во продавниците на компанијата. Покрај физичките продавници, М.Г. Фешн последниве години се насочи и кон онлајн продажбата која се покажа како многу успешна и потребна, особено во новонастанатите услови на пандемија.
Покрај М.Г. Фешн, други значајни акционери на „Македонијатурист“ се Доне Таневски, со пакетот од 23,4 отсто, потоа Сава пензиски фонд има 8,8%, Симеон Павлов поседува 8,19 %, компанијата „Изостоне“ располага со 6,62 проценти од капиталот, додека и самата „Македонијатурист“ поседува 10 отсто сопствени акции. Уште околу 380 домашни физички лица поседуваат помали проценти акции во „Македонијатурист“.
Актуелна во изминатите неколку месеци, се чини акцијата на „Македонијатурист“ стана ососбено привлечна во текот на октомври, а интензивното темпо на тргување се префрли и во ноември. Минатиот месец највисоката цена била 9.200 денари, а просечната 8.293 денари.