Компанија од Луксембург е заинтересирана за инвестиција во енергија од отпад од 336 милиони евра која ќе го реши проблемот со отпадот од 48 општини во земјава.
-Инвестиција во енергија од отпад, преговараме веќе седум – осум месеци со инвеститор од Луксембург кој што ни нуди можност инвестиција од 336 милиони евра со плазма за согорување односно без кислородно согорување на високи температури. Оваа инвестиција е во затворен систем без оџак строго еколошка инвестиција и на неа и претходат селекциони или сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот, изјави вчера премиерот Зоран Заев.
Тој додаде дека инвестицијата содржи и набавка на 100 комунални возила за собирање смет, изградба на 11 претоварни станици, дополнително 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, асфалтирање на патна делница од пет километри до село Дуброво и на територијата на Општина Неготино.
-Овој проект претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74 проценти од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 општини. Станува збор за целосно странска приватна инвестиција, по пат на Законот за стратешки инвестиции, рече премиерот Заев по презентацијата на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 во Владата.