ПОВЕЌЕ

    КИФ СО АПЕЛ ДО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

    Време зa читање: 4 минути

    Во рамки на „Берлинскиот процес“, стопанските комори на шесте земји од Западен Балкан се обединети во  т.н. Коморски инвестициски форум или скратено КИФ.

    Во услови кога пандемијата на корона вирусот предизвикува сериозни последици и за економиите на Западниот Балкан, шесте стопански комори на КИФ се во постојана меѓусебна комуникација но и во комуникација со нивните влади и деловните заедници, со цел да го идентификуваат и анализираат влијанието на пандемијата и да предложат соодветни мерки за помош на компаниите и нивните активности во оваа неизвесна ситуација.

    За таа цел, со заеднички напори, шесте комори во рамки на КИФ ги идентификуваа во моментов најважните прашања за одржување на виталноста на економиите но и системите во земјите од Западен Балкан во оваа ситуација од која што сите се погодени, поради што претседателот на КИФ упати апел за помош и поддршка до претседателката на Европската Комисија, госпоѓа Урсула вон дер Лејен, господин Кристиан Даниелсон генерален директор на Генералниот Директорат за Преговори за Добрососедство и Проширување, господин Оливер Вархељи, Европски Комесар за Добрососедство и Проширување, како и господин Фил Хоган, Европски комесар за трговија.

    Едно од клучните прашањата коешто ги засега земјите од регионот е ограничувањето на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји. Здравствените системи во земјите од Западен Балкан се генерално послаби во однос на ЕУ, најмногу како резултат на недостаток на јавни средства и не толку силни економии. Покрај тоа, во регионот не постојат и  доволно овластени производствени капацитети за да се премости јазот помеѓу побарувачката и понудата. Повикувајќи се на одлуката на Европската Комисија за изземање на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија и Велика Британија од барањата за одобрение за извоз на ЕУ,  КИФ ја повика Комисијата да ја прошири одлуката и за земјите од Западен Балкан. Побарано е земјите од регионот да можат исто така да учествуваат во заедничката набавка на медицинска заштитна опрема.

    Овие мерки се важни не само за помош на здравствените системи во земјите од Западен Балкан, туку и за поддршка на производствените капацитети за продолжување со нивната работа. Во моментот компаниите немаат доволно заштитна опрема за нивните вработени, или пак залихите се многу намалени што во спротивно ќе доведе до стопирање и затворање на нивното производство. Оваа ситуација може да биде погубна и за Европската Унија, бидејќи многу компании од регионот се дел од синџирот на снабдување на ЕУ којшто во овие моменти е многу важно да продолжи активно да функционира.

    Надворешните граници на ЕУ географски го опфаќаат и Западен Балкан. Од тие причини КИФ  побара од Европската Комисија,  итно да се земе предвид и можноста за дозвола за пристап до „зелените коридори“ на компаниите од Западен Балкан. Протокот на стока – особено на приоритетни продукти како што се прехранбени производи,  лекови, медицинска опрема – не смее да се прекине во ова кризно време. Транспортот на стоки од примарно значење треба да има приоритет во однос на другите стоки преку „зелените коридори“ каде што протокот на сообраќај мора да тече непрекинато. Увозот на репроматеријали и суровини од ЕУ, потребни за производство на производи  од примарно значење, е подеднакво важен за одржување на капацитетите на компаниите од регионот, и истиот треба да биде вклучен во системот на „зелени коридори“.  Земјите од Западен Балкан потребно е да бидат вклучени во сите „Зелени коридори“ вклучувајќи го патниот, железничкиот, поморскиот и авио транспорт. Од друга страна пак, при движењето по овие коридори треба да биде одобрено за сите комерцијални возила,а земјите членки не смеат да прават разлика помеѓу стоките наменети за нивниот пазар и стоките во транзит.

    Со оглед на тоа што Европската Унија е водечки трговски партнер на земјите од Западен Балкан, домашните компании се соочуваат со многу предизвици при испорака на потребните производи до нивните партнери во ЕУ. Тие постојано известуваат за проблемите во навремената испорака на нивните производи, како и неможноста за навремено доставување на потребните материјали и компоненти  до нивните матични компании со седиште во ЕУ. Возачите на камиони се соочуваат со дополнителни предизвици при испорака на стоки на Единствениот пазар, заради различни режими за карантин на внатрешните и надворешните граници на ЕУ. Од тие причини КИФ во своето барање искажа спремност за целосно прилагодување и почитување на ЕУ правилата, како што се преминување на граничните премини со прикажување на валидна интернационалана дозвола за вршење превоз од стана на возачите, доказ дека возачите се тестирани и се негативни на коронавирусот, како и почитување на мерките за одржување на лична хигиена и дезинфекција на транспортните возила. Пристапот до Западен Балкан преку „зелените коридори“ сигурно ќе донесе позитивно влијание и на ЕУ и на Западен Балкан.

    Од тие причини, Коморскиот инвестициски форум испрати апел до Европската Унија да ја прошири листата на земји со дозвола за увоз од ЕУ, како и проширување на  иницијативата за „зелени коридори“ кон Западен Балкан, за да се вклучат шесте земји од регионот со цел одржување на виталноста на економиите на ЕУ но и на регионот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично