Започна дводневниот хакатон за намалување на сивата економија во е-трговија, под наслов “Хакирај ја сивата економија во е-трговија”, на кој учествуваат студенти од Економскиот Факултет – Скопје и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ.
Овој хакатон е организиран од Асоцијацијата за е-трговија, односно невладиниот сектор, со поддршка на приватниот сектор, во соработка со академијата, студентите од ФИНКИ и Економски факултет скопје и со вклучување и на претставници од владиниот сектор кои ќе бидат дел од менторите на хакатонот.
Официјалното отворање на хакатонот започна со поздравен говор на Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – Нина Ангеловска, како главен организатор на хакатонот.
„Среќна сум што Асоцијацијата за е-трговија го организира првиот вирутелен хакатон кој има за цел да придонесе кон справување со еден многу значен проблем. Само преку холистички пристап и вклученост на сите засегнати страни можеме да ги адресираме големите проблеми и да ги поместиме работите. Се надевам дека овој хакатон ќе претставува успешен пример за одлична соработка помеѓу приватниот сектор, невалдиниот, владиниот сектор и академијата за изнаоѓање на солуции кои ќе придонесат во справувањето со големи општествени предизвици, како што е сивата економија. Овој викенд студентите имаат можност да придонесат и да бидел од промена, додека запознаваат нови луѓ, работат на решенија и се натпреваруваат.” – порача Ангеловска.
По Ангеловска, следеа и поздравните говори на Заменик на Претседателот на Влада на Република Северна Македонија за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси г-дин Љупчо Николовски, регионален директор на Мастеркард, г-ѓа Вања Манова, директорот на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, г-дин Марко Ѓоргиевски, главниот извршен директор на КАСИС АД Скопје, г-ѓа Филомена Пљаковска Аспровска, директор на сектор за развој на понуда и маркетинг во НЛБ Банка АД Скопје, г-ѓа Љупка Ѓоргиевска и менаџерот за бизнис трансформација во А1 Македонија, г-ѓа Андреа Станковиќ.
Регионалната директорка на Мастеркард, Вања Манова, ја поздрави работата на Асоцијацијата и изборот на темата за хакатонот.
“Сива економија е непријател на владата, на бизнисот, на сите нас. Сите заедно мораме да најдеме начин како да го победиме непријателот. Додека ги креирате решенијата имајте ги предвид електронските плаќања кои практично ја оневозможуваат сивата економија. Верувам во моќта на младите мозоци, бидете силни, храбри и мудри.” им порача на студентите во своето воведно обраќање.
И заменикот на Претседателот на Влада на Република Северна Македонија за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси – г-динот Љупчо Николовски ја поздрави работата на Асоцијацијата.
„Како млад политичар навистина се радувам на вакви иницијативи и давам максимална институционална поддршка на иницијативите кои влијаат на намалување на сивата економија. Би сакал да ги охрабрам студентите на ваков иновативен начин да дојдеме до решенија кои ќе влијаат за намалување на сивата економија во е-трговијата.” додаде г-дин Николовски.
На хакатонот учествуваат 50 студенти поделени во 10 студентски тимови кои работат на две категории на предизвикот „Како да се намали сивата економија во е-трговија?” и кои со заеднички интердисциплинарни знаења креираат креативни и иновативни солуции за борба против сивата економија во е-трговија. Студентите се менторирани од 18 ментори кои доаѓаат од академијата, од приватниот и невладиниот сектор, но и од државните институции како Царинската управа и Управата за Јавни Приходи на Република Северна Македонија.
Хакатонот ќе трае до недела, 16 мај, до 17 часот, по што ќе се одберат победничките тимови во двете категории “Едуцирај и мотивирај“ поддржан од НЛБ Банка Скопје и “Детектирај и сузбиј“ поддржан од Касис АД Скопје. За победничките решенија има награден фонд од 3000 евра, кои ќе им послужат за имплементација на решенијата.
Хакатонот се реализира со поддршка од главниот партнер Mastercard, златните партнери Касис АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, дигиталниот партнер – A1 Македонија, како и со поддршка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на компаниите Ендава, Хаселт, Ред Бул, Кликни јади и Нескафе Македонија.
Сите детали поврзани со хакатонот може да се разгледаат преку веб страницата: https://hackathon.ecommerce.mk/