Асоцијацијата на финансиски друштва ja објави анализата за економското влијание на индустријата на небанкарски финансиски друштва во 2021.
Според податоците, економското влијание, прикажано низ параметрите: материјални трошоци, трошоци за услуги, вработени и јавни давачки, изнесуваат над 1,2 милијарда денари, што споредено со минатата година претставува зголемување од 48%, и воедно, претставува силен индикатор за позитивното влијание на индустријата врз целокупната економија.
Приказ на економско влијание по ставки:
Придонесот на небанкарските финансиски друштва во државната каса споредено со 2020 година порасна за драстични 63%, достигнувајќи износ од близу 274 милиони денари, каде како главни двигатели се земени предвид трошоците за даноци на плати и надоместоци на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и данок на добивка.
Индустријата на небанкарските финансиски друштва вработува претежно млад кадар, а годишните издатоци за вработени по основа на плати за вработени и давачки по основ на вработување порасна за околу 120 милиони денари споредено со 2020 г., достигнувајќи износ од 426 милиони денари на крајот од 2021 г.
Засилувањето на влијанието на небанкарските финансиски друштва врз економијата во 2021 година оди во права пропорција со економската активност на небанкарските финансиски друштва, кое беше посочено и во Третото годишно истражување на пазарот на небанкарски финансиски друштва. Имено, во текот на 2021 година позначајно се зголеми учеството на средствата на финансиските друштва во вкупните средства на финансискиот сектор и тоа од 0,6% на крајот на 2020 година, на 0,8% на крајот на третото тримесечје од 2021 година, како резултат на забрзаното кредитирање на физичките лица и тоа со високи двоцифрени стапки на раст. Во второто и третото тримесечје на 2021 година кредитите на физичките лица забележаа годишен раст од околу 50% и 60%, соодветно.
“Резултатите од анализите потврдуваат дека финансиските друштва имаат значајна улога во одржување на куповната моќ на населението од една страна, но и врз севкупната економија поради својот придонес кон буџетот и вработувањата.
Овие два важни параметри од работењето на небанкарските финансиски друштва директно влијаат и помагаат во заздравувањето на економијата во пост-Ковид периодот. Но, улогата и важноста на небанкарските финансиски друштва во македонската економија дополнително се засилува и добива на значење и во моменталниот период на економски предизвици поради глобалната економска ситуација, растот на трошоците за живот кои задираат во секојдневието на секој граѓанин. Особено, ова се однесува на поддршката која небанкарските финансиски друштва можат да им ја обезбедат на граѓаните за надминување на предизвиците од економската неизвесност и ценовните шокови, секако во целосни услови на одговорно кредитирање и економски прифатливи регулаторни околности”, изјави Филип Димитровски, претседател на Асоцијацијата на финансиски друштва.
Повеќе информации за Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија се достапни на веб страницата www.afd.mk