Девет банки и една штедилница досега се вклучија во државната гарантна шема со потпишување на договор за издавање на портфолио гаранција од Гарантен фонд кон нив. Со новото проширување, издадените портфолио гаранции кон банките и штедилниците имаат вкупен потенцијал за гаранција до 23,5 милиони евра.
Со портфолио гаранцијата, банката или штедилницата, може да обезбеди кредити одобрени на микро, мали и средни трговци во доминантна приватна сопственост. Кредити кои може да бидат ставени под портфолио гаранција треба да бидат со минимален износ од 300.000 денари и максимален износ до 30.750.000 денари, а може да бидат наменети за основни или обртни средства. Рокот на отплата на кредитите под гаранција може да биде до осум години за основни средства и до три години за обртни средства, со можност за грејс период до една година.
Гаранцијата за кредити за основни средства може да биде до 50% од износот на главницата на кредитот, додека гаранцијата за кредити за обртни средства може да биде до 80% од износот на главницата на кредитот.
Развојна банка на Македонија, до денес има издадено портфолио гаранции кон Стопанска банка АД Битола, УНИ банка АД Скопје, Централна Кооперативна банка АД Скопје, Капитал банка АД Скопје, Халкбанк АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Прокредит банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје и Штедилница Можности. Овие девет банки и една штедилница, на своите клиенти можат да им понудат дополнителен колатерал обезбеден преку гаранцијата од Гарантниот фонд до 50%, односно до 80% од кредитот во зависност од неговата намена.
Листата на банки и штедилници кои се дел од гарантната шема, се очекува да се шири и понатаму.
Гарантната шема е дел од економските сетови на мерки донесени од страна на Владата на Република Македонија, заради справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата, и е дел од Планот за забрзан економски раст на Владата. Со дополнување на Законот за Развојна банка на Македонија, во рамките на истата, се формираше Гарантен фонд како посебна организациона единица.
Преку Гарантниот фонд се реализираат два производи: (1) портфолио гаранции кон банки и штедилници, за поддршка на кредитирањето на микро, мали и средни трговци и (2) индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз, за кои големите компании може да се обратат директно до Развојна банка на Македонија.
Банките кои се вклучени во кредитно-гарантната шема се објавени на веб страницата на РБМ,Производи – Гаранции – Портфолио гаранции.