Депозитите бележат раст и во услови на пандемија, а банкарскиот сектор е ликвиден. Иако банките и штедилниците ги следат трендовите на дигитализација, уште долги години ќе има потреба од експозитурите и шалтерите. Предизвик во следниот период останува поголемата едукација на населението за финансиска писменост.
Претседателката на Македонска банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева на вчерашното одбележување на Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври, посочи дека банкарскиот сектор денес е многу поразличен од оној пред 30 години и порача дека трудот на банкарските работници вложен во комуникацијата со населението, ќе биде и понатаму многу значаен.
-Без оглед што светот забрзано оди напред во ерата на дигитализацијата, нашата реалност покажува дека ние иако се дигитализираме, уште долго време ќе имаме потреба од експозитурите и шалтерите, а квалитетот на нашите работници и трудот вложен во комуникацијата со населението, ќе биде и понатаму многу значаен, нагласи Стевкова-Штериева.
Според претседателката на МБА, од современиот банкарски работник се очекува да има добри комуникациски вештини за да биде поблизу до клиентите и да може побргу да помогне во решавањето на проблемите на клиентите. Напомена дека секој има право на слободно одлучување за своите средства, но не секој е доволно финансиски едуциран и подготвен да влезе во инвестиции во инструменти кои не ги разбира.
– Нашата обврска во комуникацијата со населението е да им помогнеме да се справат со сите ризици кои ги носат новите финансиски инструменти во земјата и светот. Сведоци сме на се поголема достапност на разни инструменти кои се повеќе или помалку разбрани од граѓаните, а кон кои се стремат сите оние кои сметаат дека банкарската камата во моемнтот е премногу ниска, рече Стевкова-Штериева, додавајќи дека најмалку што моѓат да направат банките е на граѓаните да им објаснат дека при донесувањето на одлуките каде ќе ги пласираат своите средства, треба да бидат свесни за различните нивоа на ризик.
Според вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, банкарскиот систем добро го поминал тестот којшто го наметна кризата од пандемијата на ковид-19.
-Депозитниот потенцијал се зголемува со релативно сoлиден интензитет од над 8 проценти на годишна основа, со што динамиката на зголемување е многу слична на онаа од периодот 2018 ‒ 2019 година. Ваквата динамика ни од далеку не наликува на случувањата за време на глобалната финансиска криза кога за кусо време дојде до забавување на растот на депозитите сведувајќи се од околу 20 проценти на околу 7 проценти на годишно ниво, рече денеска вицегувернерката во своето обраќање.
Таа напомена дека пандемијата на ковид-19, за разлика од други епизоди на криза, всушност придонесе за зголемување на штедењето и овој процес е глобален феномен.
-Во развиените земји, оценетиот вишок на заштеди во 2020 година изнесувал близу 7 отсто од БДП, покажувајќи дека се штедело повеќе во пандемијата, отколку во нормални околности. Во регионот на Западен Балкан, стапките на домашно штедење забележаа благо намалување од околу 3 процентни поени од БДП, но во услови на силна фискална потрошувачка за поддршка на економиите. Ова значи дека штедењето на приватниот сектор, и покрај големата рецесија, многу веројатно е дека останало релативно стабилно или растело, подвлече Митреска.
Според неа, трите причини кои придонесоа за ваквиот феномен се стабилниот расположлив доход, делумно и заради фискалниот импулс за поддршка на платите и работните места, принудното намалување на потрошувачката на населението и мотивот на претпазливост од страна на штедачите.
-За разлика од поголем број економски показатели, коишто колабираа во текот на пандемијата, цените на недвижностите бележат раст. Во земјите на ЕУ, во првата половина од оваа година, цените на недвижностите бележат просечен раст од близу 7 отсто, наспроти растот од околу 4 отсто во изминатите неколку години. Кај нас растот на цените е поумерен и изнесува околу 4,4 отсто во текот на оваа година, но овој „пандемичен синдром“ треба внимателно да се следи, заклучи вицегувернерката.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими посочи дека граѓаните кои се уште ги држат парите надвор од банкарскиот систем, ја губат нивната вредност.
Затоа, според министерот, важно е граѓаните да ги инвестираат парите во банките, да ги депонираат, бидејќи во тој случај, банките ги алоцираат тие пари во бизнисите кои имаат потреба за нивните пари, а тоа значи дека ќе се отворат и нови работни места.
-Затоа се клучни заштедите и депозитите што ги прават нашите граѓани. Според податоците до 31 август, околу 63 проценти од бруто домашниот производ изнесуваат депозитите, што во однос на минатата година вкупно има 9,9 проценти раст, од кои е важно што во нефинансискиот сектор, дел од тие се 20 отсто раст, кај стопанството, додека домаќинствата се за 7,4 проценти, рече Бесими.
Тој додаде дека главната цел не бруто инвестиции во земјава е од актуелните 30 отсто од бруто домашниот производ, да се достигне ниво на 34,2 проценти.
Директорот на Фонд за осигурување на депозити, Амир Шабани посочи дека Фондот во текот на изминатата година успешно ја завршил својата најважна улога, а тоа е брза и навремена исплата на обештетувањето на депоненти кои своите финансиски средства ги довериле во банки или штедилници, кај кои настанал ризичен настан.
Тој напомена дека и во вонредни услови Фондот во рок од еден месец успеа да исплати 70 проценти од вкупната обврска за обештетување на депоненти од Еуростандард банката во стечај, а досега, една година од почетокот на исплатата, исплатени се 90 проценти од вкупното обештетување на депонентите.