Цената на литар дизел се зголемува за 2,5 денари, а екстра лесното масло поскапува за три денари. Поевтин ќе биде бензинот Еуросупер БС-95, за 0,5 денари по литар. Нафтените деривати од полноќ ќе чинат, во просек, за 1,41 насто повеќе во однос на цените утврдени пред една недела.
Според регулаторната комисија за енергетика, растот е резултат на поскапувањата на светските пазари, каде што цените на дериватите значително се зголемија – кај бензините за 4,08 насто, кај дизелот за над 10 насто, кај екстра лесното масло за 11,37 насто, а кај мазутот за околу 2 насто. Дополнително, благото зајакнување на доларот влијаеше врз крајната пресметка.

Новите цени на горивата се: Еуросупер БС-95 – 83,50 денари за литар (намалување од 0,50 денари); Еуросупер БС-98 – 85,50 денари за литар, односно овде нема промена; Еуродизел – 98 денари за литар (+2,50 денари); Екстра лесно масло (ЕЛ-1) – 95,50 денари за литар (+3 денари); Мазут М-1 НС – 51,311 денари за килограм (зголемување од 0,901 денар).
Владата вчера донесе мерки за ублажување на ценовниот притисок, со намалување на акцизите за дизелот за 4 денари по литар и за бензините за 2 денари по литар, како и продолжување на повластената стапка на ДДВ од 10 насто (освен за мазутот).
Аналитика








