Цените на нафтата на светскиот пазар се зголемија за повеќе од 10 проценти минатата недела, што е нивниот најголем неделен скок во повеќе од една година, бидејќи поради ураганот Ида, голем дел од производството на нафта во Мексиканскиот Залив беше затворено.
Цената на барелот на лондонската берза скокна 11,5 проценти минатата недела, на 72,7 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 10,3 проценти, на 68,75 долари.
Најголемиот неделен скок на цената од јуни минатата година, кој ги надомести сите загуби од претходната недела, кога цените паднаа за околу 9 проценти, најмногу се должи на затворањето на производството во Мексиканскиот Залив поради опасноста од ураганот Ида, пишува порталот Seebiz.
Нафтените компании започнаа со евакуација на работниците од платформата во четвртокот, а 59 проценти од производството во Мексиканскиот Залив беше затворено во петокот.
Заливот произведува 17 проценти од американската сурова нафта и 5 проценти природен гас и сместува повеќе од 45 проценти од вкупниот капацитет на американската рафинерија по должината на брегот.
– Трговците со енергија ги зголемуваат цените на нафтата, предвидуваат прекини во производството во Мексиканскиот Залив, но и поради зголемените очекувања дека ОПЕК + може да одолее на барањата за зголемување на производството, со оглед на влијанието на делта соја врз побарувачката на сурова нафта во последно време, објаснува Едвард Моја од ОАНДА.
Вашингтон неодамна ја повика Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, да го зголемат производството за да не дојде во прашање закрепнувањето на светската економија од кризата со корона.
Поддршката за цените беше обезбедена и минатата недела со падот на вредноста на доларот во однос на кошницата валути, бидејќи тоа значи дека нафтата е поевтина за носителите на други главни светски валути.
Една недела претходно, цените нагло опаднаа бидејќи сe повеќе земји низ светот се соочуваа со пораст на бројот на новозаразени со Ковид-19, поради што тие ги ограничуваа патувањата во обид да го спречат ширењето на пандемијата.
Како резултат на тоа, трговците на мало стравуваат од слабеење на побарувачката за гориво, откако тaa растеше цело лето.