ПОВЕЌЕ

    Годинава одбележуваме 30 години од воведувањето на денарот и самостојноста на Народната банка

    Време зa читање: 2 минути

    Годинава прославуваме 30 години од монетарното осамостојување. Пред 30 години, на 26 април, беа поставени основите на монетарната самостојност: беше воведен денарот како наша парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка. Со ова беше целосно заокружена независноста на нашата држава.

    Оттогаш, низ годините, вработените на Народната банка со многу посветеност, пожртвуваност и визија работеa на градењето на она што го имаме денес ‒ стабилна домашна валута и современа, кредибилна и меѓународно призната, независна централна банка. На овој пат, институцијата се соочуваше со голем број предизвици, како во однос на спроведувањето значајни пазарно ориентирани реформи во банкарскиот систем, така и во однос на справувањето со шокови од различна природа. Во сите тие ситуации беа остварени основните цели на работењето на Народната банка.

    Во изминатите години, Народната банка доби голем број признанија од страна на меѓународните институции и за нејзиното функционирање, и за политиките коишто ги спроведува.

    Изминатите 30 години на успешна работа на Народната банка се гаранција дека и во следниот период ќе имаме капацитет за справување со предизвиците коишто ги носи актуелната ситуација. И натаму ја чуваме стабилноста на денарот, како од економски, така и од неекономски закани – шпекулациите и лажните вести, коишто се подеднакво опасни.

    Додека ја чуваме стабилноста на денарот и финансиската стабилност, истовремено се ориентираме и кон иднината, по примерот на најголемите централни банки. Нашите идни активности се насочени и кон овозможување подобри и поевтини банкарски услуги преку финтек-секторот, имајќи ја предвид и кибербезбедноста. Понатаму, нашата заложба ги опфаќа и зелените финансии, бидејќи сите носители на политиките треба да бидат свесни дека климатските промени ќе бидат една од најголемите закани на 21 век.

    Со цел да го одбележиме овој важен национален јубилеј, Народната банка планира повеќе настани, меѓу кои и централниот – Свечената академија по повод јубилејот и Истражувачката конференција на Народната банка, којашто оваа година ќе се организира во партнерство со Европската инвестициска банка (ЕИБ), на која ќе учествуваат гувернери и вицегувернери на централни банки од регионот и од Европа, како и претставници на меѓународни финансиски организации, на научната јавност и на банкарскиот сектор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично