Мултинационалната рударска компанија Рио Тинто е обвинета дека во своите рамки толерирала сексуален напади, расизам и малтретирање на свои вработени, открива интерен извештај на компанијата, обелоденет во јавноста деновиве. Овие откритија предизвикаа повици од страна на меѓународни инвеститори до целата рударска индустрија да ги преиспита своите практики.
Извештајот на 85 страници укажа дека во рударската индустрија на глобално ниво ваквото однесување често се сметало за нормално и било толерирано.
Рударските компании, кои со години настојувааат да привлечат жени работници бидејќи се борат со недостигот на работна сила, веќе неколку години се обидуваат да ја променат културата на „клубот за момчиња“. Една од најголемите,BHP Group дури има „амбициозна, аспиративна цел“ да постигне рамнотежа меѓу половите на глобално ниво до 2025 година.
Инвеститорите и играчите во индустријата го пофалија Рио Тинто за објавување на извештајот, но рекоа дека и другите компании треба да го сторат истото. Рио Тинто започна да ги истражува состојбите во компанијата во март минатата година, не долго откако извршниот директор Јакоб Стаушолм ја презеде главната функција по бурните реакции поради уништувањето на археолошко наоѓалиште во клисурата Јуукан во Австралија за да го прошири рудникот за железна руда. Клисурата е позната првенствено по пештерата која беше единственото внатрешно место во Австралија со докази за континуирана човечка окупација повеќе од 46.000 години, вклучително и во последното ледено доба. Пештерата беше трајно уништена од рударската компанија Рио Тинто во мај 2020 година
ТОКСИЧНА КУЛТУРА
Извештајот вклучи повратни информации од речиси четвртина од 45.000 вработени во Рио, обелоденувајќи токсични практики на работното место. Повеќе од 10.000 вработени, речиси една четвртина од ги споделија своите искуства и ставови за студијата. Извештајот покажа дека речиси 30% жени и околу 7% од мажите доживеале сексуално вознемирување на работа, при што 21 жена пријавила вистинско или обид за силување или сексуален напад.
Една работничка опишала дека колега побарал орален секс.Кога беше пријавено барањето, надзорникот рече дека е сигурен дека човекот се шегува и Рио „ќе се погрижи да не сте сами со него“. Друг работник известил дека рутински се користат погрдни коментари за вработени од други раси и дека тоа е прифатено како вообичаено мајтапирање на работното место. Една вработена изјавила дека не би го препорачала Рио на своите пријатели како место за работа, што е жестоко обвинение против компанија која со години јавно кажува дека има за цел да ја зајакне родовата различност. Жените сочинуваат 19% од работната сила во Рио.
„Другите компании треба да го сфатат ова како сигнал дека човечкиот елемент не може да се игнорира“, рече Кејти Мехнерт од Али енерџи, мрежна група која ги поврзува работниците со компаниите во индустријата за обновливи извори на енергија. „Можете да ги имате најдобрите средства на планетата, но ако вашата култура е ѓубре, кој ќе сака да работи за вас?
Извршниот директор на Рио, Стаушолм, кој го нарача извештајот, вети дека ќе изврши притисок за промени. Групите за застапување на жените во рударството и другите екстрактивни индустрии претпазливо го поздравија извештајот, кој премолчено го признава она за што многумина во рударската индустрија шепотат со години.
„Се надеваме дека овој пример што го поставува Рио Тинто ќе поттикне дијалог и ќе ги натера другите рударски компании да го следат примерот“, рече Барбара Дишингер, директорка на Меѓународната асоцијација на жени во рударството со седиште во Лондон, непрофитна организација која промовира родова еднаквост во рударската индустрија.
Рударите често работат долги часови во сурови средини со недели, живеејќи рамо до рамо во мали кампови со мала приватност. Репортерот на Ројтерс во 2018 година беше сведок на рудари, собрани на конвенција во индустријата, како ги спуштаат панталоните за да пеат караоке во долна облека.
Перцепцијата на рударството како непријателско кон жените и обоените луѓе само го влоши проблемот со талентот во индустријата, со намалување на уписот во програмите за рударско инженерство низ САД, Канада и Австралија. Вработените во извештајот на Рио опишаа огромен стрес и анксиозност обидувајќи се да ги избегнат сексуалните вознемирувачи, нанесувајќи им штета на нивната концентрација и продуктивност на работното место.
„Јасно е дека постојат значителни предизвици кои треба да се решат и на ниво на компанија и низ целиот сектор“, рече Луиза Дејвидсон, извршен директор на Австралискиот совет на инвеститори за пензија, кој претставува 37 сопственици на средства и институционални инвеститори кои колективно поседуваат во просек 10 % од рударски компании.
Рударскиот гигант Рио Тинто ѝ стана познат на пошироката јавност по протестите во Србија против отворањето на рудник за литиум. Србија ги повлече лиценците за истражување на англо-австралиската рударска компанија Рио Тинто по неколкунеделните протести на десетици илјади граѓани, кои ги блокираа магистралните патишта низ државата.