Не се работи за зголемување на цената на струјата, туку законското решение е такво, што автоматски на први јули ќе се врати старата даночна стапка. Се прават последните анализи од Регулаторната комисија за енергетика за цената на струјата, која не се регулира само со стапката на ДДВ, туку и со други одлучувачки параметри, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Стапката и беше 18 проценти пред корекцијата во 2021 година, кога поради енергетската криза се пристапи кон нејзино намалување на пет проценти. Се до декември лани така се пресметуваше ДДВ за електрична енергија, а од јануари годинава почна процесот на враќање, односно во првата фаза се зголеми на 10 проценти. А, на први јули повторно ќе дојде до првобитното ниво.
И вицепремиерот, како и мнистерот за економија, кој тврди дека до крајот на годинава цената на струјата ќе остане иста, нагласи дека товарот нема да го понесат граѓаните.
„Не би сакале товарот да падне врз крајниот корисник, но тоа се регулира не само со ставката на ДДВ, туку и со другите параметри коишто се одлучувачки во креирање на финалната цена, изјави Битиќи“, додавајќи дека се пресметуваат влезните параметри за дефинирање на финалната цена од страна на РКЕ.
Претходно, и претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, укажа дека кога ги носи цените, РКЕ тоа го прави без ДДВ, така што промената на стапката ќе нема никакво влијание. Исто така, и тој посочи дека регулаторите ќе направат се што можат за „уште повеќе да ја релаксираме ситуацијата со цената на електрична енергија“, односно дека за таа цел ќе искористат „се што постои како можност и тоа што го имаат на располагање“.
Инаку, барање за нова цена на струјата, зголемена за 32,13 насто, има доставено Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија. Од ЕВН Хоум не го навеле процентот, бидејќи во јуни ќе се набави струја на тендерот што треба да го распише за тој месец. Барање има и од МЕМО во својство на оператор на пазарот на електрична енергија. МЕПСО тоа се уште го нема направено. Последниот рок е 31 мај, а потоа РКЕ ќе направи согледувања и анализи, по што ќе уследат крајните одлуки.
Враќањето на 18-процентната стапка на ДДВ се совпаѓа со повторното воведување на евтината дневна тарифа. РКЕ во догледно време треба да одреди кои 120 минути во перодот од 11 до 16 часот ќе бидат со поевтина струја.
Засега таа можност ја има само ноќе од 22 до 6 часот наутро и во недела. Всушност, таа практика – евтина струја од 14 до 16 часот и порано постоеше. Беше укината пред две години, кога цената на електричната енергија се зголеми за 9,48 проценти. Како што тогаш беа претставени работите, состојбата беше или-или. Или сметки повисоки за речиси 15 насто, или два часа дневно поевтина струја.
Пред неколку месеци, кога ја најави можноста за повторно воведување на дневната евтина тарифа, Бислимоски посочи дека тоа на годишно ниво е пет проценти намалување на просечната цена за домаќинствата. Но, ефектот нема да се постигне доколку се врати повисоката стапка на ДДВ. Всушност, тогаш рече дека зголеменото ДДВ ќе значи поголем приход во буџетот, но тој е против корекцијата на стапката, затоа што „домашното производство треба да се одржува стабилно, за ЕСМ да може да продава електрична енергија и на слободниот пазар и да заработува“.
Исто така, го наведе и податокот – во времето кога ја имаше евтината тарифа, тие два часа на годишно ниво беа 16 милиони евра помал приход. Сепак, и тогаш потврди дека секако граѓаните повторно ќе го имаат тој бенефит, но откако ќе се изанализираат состојбите, за да не дојде до финансиски реперкусии кај електроенергетскиот систем.