Производството во „Винчини“ ќе биде обновено, а дел од вработените ќе се прераспоредат во другите погони. Изјавата од раководството на виничката компанија уследи по пожарот кој предизвика големи штети – целосно изгоре производен погон со три софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, како и два магацини, за суровини и за готови производи. Тоа е добра вест, но подобрата е дека 13-те повредени се во стабилна здравствена состојба.
Најважно е дека нема човечки жртви, нагласуваат од менаџментот, при што се заблагодарија на противпожарните и на сите што учествувале во гасењето на пожарот.
„Винчини“ е најпрепознатливиот бренд на семејната компанија „Макпрогрес“. Во градот кој брои 14.475 жители и 5.024 домаќинства (според пописот од 2021 година), „Винчини“ е голем работодавач, каде што егзистенцијата ја обезбедуваат 500 лица. Од значење е и за повеќе локални добавувачи и партнери. Освен тоа, поддршка има и за семејните бизниси, како и за лицата кои сакаат да се усовршат во оваа дејност. Можност обезбедена преку сертифицираната Винчини Академија за изработка на кондиторски, пекарски и слаткарски производи.
Исто така, „Винчини“ е голем извозник. Нивните производи се продаваат во шеесеттина земји низ светот. Во земјава се рангира меѓу стоте најголеми извозници.
Остварените финансиски резултати, во периодот 2020–2024 година прикажуваат стабилен раст, со извесни поместувања во времето на пандемијата. Но, и тогаш се работело со добивка.
Според податоците од Бизнис Мрежа, приходите се движат од 27,8 милиони евра во 2020 до речиси 35,9 милиони забележани минатата година. Споредено со претходната 2023, има раст од безмалку три проценти.
Годишната промена кај расходите е нешто пониска, 2,4 отсто и лани достигнале 33,5 милиони евра. Сепак, трошоците во континуитет заостануваат за приливите на средства, па компанијата постојано е во позитива.
Ланската добивка од 2,3 милиони евра е највисока во последните пет години. Во однос на 2023, бележи раст од 20,7 проценти. Најниското ниво кај профитот, од 535 илјади евра, е регистрирано во 2021 година.
Оттаму, нето-профитната маржа во 2024 се искачила на 6,57 проценти, што е над просекот од претходните години. Годишната промена во овој сегмент е плус 17,63 насто. Инаку, во овој период од пет години, најслабата профитна маржа изнесувала нешто помалку од еден процент (2022).
Извор: Бизнис Мрежа
Бројот на вработените се менувал во текот на годините: тимот бил најмалуброен во 2022 година (450), а најброен во 2020 година (559). Лани бројката се заокружила на 500, што е за 5,5 насто повеќе од годината пред тоа. Продуктивноста на вработените била во постојан раст сѐ до лани, кога трендот е прекинат со нискиот пад од 2,4 отсто. Или, во 2023 година секој од вработените приходувал по 73.500 евра, додека во 2024 година по 72 илјади евра.
Годишната промена кај просечната плата, пак, е позитивни 20,7 насто. Со кои прекланскиот просек од 32.311 денари, лани се зголемил на 39.008 денари.
Извор: Бизнис Мрежа
Очигледно, „Винчини“ одржува одлична финансиска кондиција, па затоа има капацитет за брза обнова. А, тоа е од интерес за компанијата и за нејзините вработени, но и пошироко.
Затоа, веднаш по пожарот, уследија најави за помош. Стопанската комора ќе формира кризен штаб и ќе иницира активности со кои ќе помогне оваа состојба целосно да се надмнине. И на социјалните мрежи се појавија конструктивни предлози за помош на „Винчини“. Меѓу нив и предлог-идеи за медиумите и маркетите: првите да овозможат бесплатен рекламен простор, а вторите преку флаери да информираат кои „Винчини“ производи ги има на продажните места. Пораката е, да се купуваат што повеќе нивни производи и солидарно да се помогне во обновата на кондиторската фабрика.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.