Руски капитал не е присутен во сопственичката структура на рудникот за бакар Бучим. Во интерес на вистината ДПТУ “Бучим” ДОО Радовиш има должност правилно да ја информира јавноста. Од 2005 година, рудникот за бакар Бучим е во сопственост на Солвеј инвестмент груп – приватна меѓународна компанија за рударство и производство на метали со седиште во Швајцарија, која што е во целосна сопственост и управувана од страна граѓани на ЕУ. Солвеј нема никаков руски капитал, појаснуваат од рудникот Бучим во врска со објавениот текст на нашиот портал www.pari.com.mk со наслов „Топ 10 компании со руски капитал во Македонија – годишно прават приход од над 200 милиони евра“.
Како меѓународна компанија, Солвеј инвестмент груп е активна во многу јурисдикции, вклучувајќи ги Гватемала, Украина, Индонезија, Аргентина и Северна Македонија вработува стручен кадар од целиот свет вклучувајќи и од Руска Федерација. Имено, како управители на ДПТУ “Бучим” ДОО Радовиш се јавуваат граѓани со државјанство од Руската Федерација, но тоа не значи дека е руска компанија. Руски капитал не е присутен во сопственичката структура на Бучим, велат во демантот.
,,Истовремено и покрај фактот што Солвеј имаше инвестициски и оперативни активности во Руската Федерација, Групацијата ги прекина своите активности во Руската Федерација. Солвеј инвестмент груп ги осудува дејствијата преземени од руската влада против народот на Украина”, посочуваат од Бучим.