Рудниците „Бучим“ и „Боров дол“ од денеска повторно започнуваат со работа, односно го рестартираат производствениот процес, со што работата на рудниците се враќа во целосна функција.
Раководството на рудниците со писмен допис го извести претседателот на Стопанската комора Бранко Азески дека цената на електрична енергија во изминатите денови на берзите е прифатлива за нив и во текот на овие денови на работа ќе бидат повикани сите вработените во рудниците за да се подготви процесот на производство.
„Во изминатите десетина дена видовме промена на ценатата на електричната енергија што ни овозможи повторно да ги започнеме производствените активности со надеж дека тенденцијата ќе продолжи и цената на регионалната берза за електрична енергија (HUPEX) ќе се стабилизира. Во текот на овие денови ќе бидат повикани на работа сите вработени во рудниците, за подготовка и отпочнување на производството“, стои во дописот од рудниците.
Поради енормниот пораст на цената на електричната енергија од 01 септември 2022 година двата рудника привремено прекинаа со процесот на производство. „Бучим“ и „Боров дол“ влегуваат во групата на 10 те најголеми потрошувачи на електрична енергија и се наоѓаат на слободниот пазар. Вработуваат вкупно 674 работници и се едни од најголемите работодавци во регионот кои придонесуваат за одржливиот економски и социјален развој на општини Конче, Штип и Радовиш.