Додека низ Европа граѓаните од еден град, па и од една во друга држава, како најбрз и најевтин превоз ја одбираат железницата, кај нас се помалку патници ги користат возовите, а железничкиот сообраќај се поретко се користи и за транспорт на стоки. Железницата е неисцрпна тема за новинарски текстови, дебати, партиски ветувања, а деновие прашањето повторно се актуелизира откако машиновозачите одбија да влезат во локомотивите, но и со превозот на јагленот со вагони до најблиската точка до РЕК Битола. Протестот на машиновозачите уште еднаш го постави на маса прашањето за финансиската кондиција на МЖ-транспорт, а прашањето за тоа како да се превезе јагленот што ќе се увезе за термоелектраната, потсети на тоа како и колку се одржуваат пругите.
Порталот „Пари“ ги анализираше документите што се јавно достапни од двете претпријатија кои ја диктираат судбината на железничкиот превоз во државата – АД Железници – транспорт и ЈП Железници – инфраструктура.
МЖ-ТРАНСПОРТ НЕ ЗАРАБОТУВА ДОВОЛНО НИ ОД ПАТНИЦИТЕ, НИ ОД ФИРМИТЕ
Минатата година АД Железници – транспорт релизирала приход од 18,7 милиони евра. Притоа, патничкиот сообраќај донел околу 7 милиони евра, а товарниот сообраќај речиси 11,5 милиони евра. Но, трошоците биле значително поголеми и претпријатието отишло во загуба околу 7,5 милиони евра. Според бизнис планот за 2021 година, АД Железници -транспорт планира речиси иста толкава загуба и за оваа година! Всушност, секоја година Железница трупа загуби.
Еве какви се финансиските резултати на Железници-транспорт во последниве 5 години:
(Во милиони евра)
Дејности | 2005 (јануари) | 2010 (јануари) | 2015 (јануари) | 2020 (јануари) | 2021 (октомври) | Раст 2021/2005 |
---|---|---|---|---|---|---|
Финансиска дејност и осигурување | 25.570 (1-во место) | 36.032 (3-то место) | 39.408 (1-во место) | 50.191 (1-во место) | 43.353 (2-ро место) | 168% |
Информации и комуникации | 19.382 (2-ро месо) | 31.360 (2-ро место) | 34.880 (3-то место) | 48.781 (2-ро место) | 55.488 (1-во место) | 186% |
Снабдување со електрична енергија, гас и пареа | 18.016 (3-то место) | 36.867 (1-во место) | 38.964 (2-ро место) | 43.430 (3-то место) | 41.675 (3-то место) | 131% |
Дејности со недвижен имот | 15.277 (4-то место) | 24.023 (5-то место) | 24.889 (8-мо место) | 29.078 (7-мо место) | 28.422 (8-мо место) | 86% |
Други услужни дејности | 14.991 (5-то место) | 19.255 (10-то место) | 25.327 (6-то место) | 30.985 (6-то место) | 35.438 (5-то место) | 136% |
ПРОСЕЧНА НЕТО-ПЛАТА * | 12.523 | 20.330 | 21.828 | 27.540 | 29.145 | 132% |
Извор: Бизнис планови на МЖ-Инфраструктура, објавени на нивната веб страница
Наспроти овие големи загуби, МЖ-Транспорт има огромни обврски кон странски железници и кон добавувачите. Според нивните податоци, заклучно со 30.11.2020 година доспеаните неплатени обврски изнесувале 58 милиони евра, а дел од нив се од минатиот век!
Кому сѐ му должи МЖ – Транспорт?
(во евра)
Доспеани неплатени обврски | Евра |
---|---|
ЕСМ | 8.600.000 |
МЕПСО | 2.500.000 |
ЈП МЖ Инфраструктура | 2.700.000 |
Останати коминтенти | 2.900.000 |
Пуцко петрол | 816.000 |
ЕФГ Софија | 580.000 |
Доспеани неплатени обврски кон странски железници 1991- 1995 | |
Бугарски железници | 3.600.000 |
Хрватски железници | 4.500.000 |
Доспеани неплатени обврски кон странски железници 1996-11.2020 | 9.800.000 |
Доспеани обврски кон странски железници по спогодби | 9.700.000 |
Приватни железници | 440.000 |
Доспеани обврски кон Мин за фин. за платени обврски по кредити кон странство состојба 30.11.2020 | 20.400.000 |
ВКУПНО | 58.000.000 |
ЖЕЛЕЗНИЦИ -ИНФРАСТРУКТУРА ИМА АКУМУЛИРАНА ЗАГУБА ОД 54 МИЛИОНИ ЕВРА!
Во загуба е и Железници -Инфраструктура. Ова јавно претпријатие го објави финасискиот извештај за третиот квартал од годинава и според него, само од 1 јули до 30 септември, Инфраструктура направила загуба од 1,3 милиони евра. Акумулираната загуба на јавното претпријатие, заклучно со 31.12.2020 година е дури 54 милиони евра! Притоа, неизмирените обврски на крајот од минатата година биле речиси 38 милиони евра. За одржувањето и доизградба на железничката инфраструктура , јавното претпријатие има позајмено пари од Светска банка, Европската банка за обнова и развој, но и од Агенцијата за државни патишта. Износот на основицата на овие долгорочни кредити е 198 милиони евра, а пресметаната камата изнесува над 4 милиони евра. Според последните податоци од МЖ-Инфраструктура во тек се инвестиции од 250 милиони евра.
Финансиски показатели за Железници – инфраструктура
(во евра)
Акумулирана загуба | 54.000.000 |
Неизмирени обврски (до 31.12.2020) | 38.000.000 |
Долгорочни кредити (состојба 31.12.2020) | 198.000.000 |
Инвестиции во тек (извештај 30.09.2021) | 250.000.000 |
Извор: Финансиски извештаи на Железници-инфраструктура, јавно објавени на нивната веб страна
Во изминативе години сите влади го акцентираа проблемот со железничкиот сообраќај, најавуваа пруга кон Бугарија, модернизација на постоечките пруги, нови возови…. Но, освен 4 нови локомотиви, состојбата речиси да тапка во место, а загубите и во двете претпријатија постојано се зголемуваат. Идејата која со години е присутна, но очигледно тешко се реализира, е продажба, или јавно-приватно партнерство за МЖ- Транспорт, а задржување на инфраструктурата под државна капа. Во меѓувреме, во изминативе 10 години бројот на патници превезени со железница се намали за 6 пати, а превезената стока речиси се преполови.
Година | Превезени патници | Превезена стока |
---|---|---|
2020 | 253.000 | 1.744.000 тони |
2010 | 1.512.000 | 3.097.000 тони |
Извор: Државен завод за статистика